8-Мартовски Точка специјал со Дијана Стојковска - мајка, сопруга и сопственичка на My Dealer: „Нека не ве демотивираат поразите - тие се животна лекција“

Точка

08/03/2023

23:38

145.448

Големина на фонт

а а а

По повод 8 март, Меѓународниот ден на жената, ве запознаваме со Дијана Стојковска, сопственичка на „My Dealer“. Не случајно ја споделуваме со вас нејзината приказна токму на овој ден - Стојковска е симбол за храброст, упорност, посветеност и решителност.

Дијана Стојковска е млада мајка, сопруга и жена која е сопственичка на многу успешна компанија која се занимава со специјални возила. „My Dealer“ е компанија која без медиумска помпа остварува големи успеси, за кои вреди да се пишува и зборува.


Во продолжение, преку екслузивно интервју за Точка ја запознаваме Дијана Стојковска.

Јас сум сè она кое ми налага ситуацијата и околностите во кои се наоѓам. Дома сум 'мамо', во канцеларија сум 'директорке', во маркет сум 'комшике'. Но, приватно сум пред сè мајка, сопруга, ќерка, сестра, пријател... Голем љубител на природа и искачување планини, читање книги, учење странски јазици, страстен уживател во патувања и запознавање нови дестинации и култури. Деловно сум сопственик и управител на фирмата Мој Дилер“, вели Стојковска за Точка.

Интересно е да се напомене дека приказната за „Мој Дилер“ започнува пред нешто повеќе од 2 години, во екот на ковид пандемијата. Кога многу бизниси претрпеа огромни загуби или уште пострашно пропаднаа - и нивнот претходен бизнис бил еден од нив.

Со оглед на тоа што и јас и сопругот сме заедно инволвирани во нашите приватни бизниси,  односно заедно партнерски ги водиме, ни се наметна прашањето што понатаму? Моравме да изнајдеме решение и излез од моменталната ситуација во која се најдовме. Но како што јас многу често велам - животот некогаш сам ти ги реди коцките, така и нам ни се укажа можност да ги нудиме камионите на Форд на нашиот пазар. Без размислување одлучивме да ја искористиме приликата и за кратко време постигнавме одлични резултати“, признава Дијана.

„Мој Дилер“ го донесоа во Македонија првиот Ford F-Max камион за кој направија и настан за негова промоција во јуни минатата година. Настанот се одржа во присуство на голем број еминентни претставници од МАТТО, бизнис заедницата, транспортниот сектор, финансискиот сектор, како и голем број на пријатели на My Dealer во Македонија. На овој настан беше доделен и клучот на првиот купувач на Ford Trucks F-Max во Македонија од страна на нивниот бренд амбасадор – Европскиот двократен рели шампион Игор Иџе Стефановски.

Оттаму сè се одвиваше спонтано и започнавме да нудиме разни продукти за кои имаше интерес на пазарот како што се противпожарните, комуналните, и останати специјални возила, потоа нисконосечки приколки, комбиња, камиони, трактори, автобуси, смарт полначи за електрични возила и нашиот најнов ексклузивен производ- Vip Luxury Business Vans“, додава сопственичката на компанијата.

Ја прашавме Стојковска дали е тешко жена да се биде на чело на волку „машка“ професија, па вели: „Ништо не е тешко доколку ги имате вистинските луѓе покрај вас. Јас ја имам таа среќа да имам покрај себе пред сè сопруг кој ми е безрезервна поддршка во сите сфери, потоа тука е и мојот прекрасен тим од колеги со кои сме како семејство и сè функционира перфектно и беспрекорно.

Поради значењето на Меѓународниот ден на жената, некако само по себе се наметнува прашањето како се справува како жена со конкуренцијата, на што Дијана искрено одговара: „Воопшто не ми се допаѓаат овие наметнати машки 'правила на игра' во бизнисот со 'борби, војни', докажување и мерење сила. Ние се обидуваме да поставиме нови правила, кои иако сè уште не се сосема прифатени, сметам дека со упорност ќе доведат до некоја позитивна промена, каде наместо да одиме еден против друг и еден мора да прегази друг за да се искачи на повисоко ниво - ќе одиме заедно до многу поголеми победи“.

„Мој Дилер“ веќе имаат суптилна најава преку социјалните мрежи за нивниот нов продукт. Тоа се Vip Luxury Business Vans, кои ќе бидат ексклузивни и единствени на нашиот пазар. Моментално се во изработка и се очекува да пристигнат некаде до крајот на април.

Со оглед на тоа што најголем дел од нивните партнери се фирми од Турција и во соработка со нив остваруваат големи успеси - тие стануваат бренд и бизнис промотери на истите во нашата земја, со тоа „Мој Дилер“ се препознаени од страна на МАТТО (мак.-тур. стопанска комора) и стануваат дел од оваа комора како нивна членка.


„Мој Дилер“ се и спонзори на двократниот европски шампион во рели Игор Иџе Стефановски - соработка на која се исклучително горди.

Будно го следиме и безрезервно го поддржуваме во сè што работи и сме благодарни што ни пружи можност да бидеме дел од неговиот шампионски тим кој победува“, вели Стојковска

Вреди да се нагласи дека оваа компанија е и општествено одговорна. Тие се главни поддржувачи и партнери на Здружение за млади во социјален ризик ЗА ТЕБЕ (4U) Скопје. „Мој Дилер“ обезбедија канцелариски простор за оваа невладина организација, кој целосно го приспособија за потребите на здружението.

Сметам дека единствено можеме да успееме вистински во животот и да бидеме навистина среќни доколку ги негуваме идеалите на заедништво, единство, меѓузависност и делење“, потенцира Дијана Стојковска.



Кога станува збор за нејзиниот приватен живот, Дијана открива: „Имаме 3 дечиња на 2, 6 и 10 години. Со сопругот сами се организираме во однос на обврските кон децата и сме им максимално посветени секојдневно. Се трудиме колку што можеме да правиме баланс помеѓу работните и семејните обврски и се организираме во зависност од потребите на децата.

Секогаш се трудиме со децата да поминуваме што повеќе квалитетно време. „Кино вечер” со цртан и пуканки им е омилена на децата, често знаеме да отидеме и на пикник во природа, а она што нашите деца исклучително ги радува се семејните патувања. Но, благодарение на бабите и дедовците, со сопругот можеме да си дозволиме и време само за нас,   секако во зависност од обврските пред сè кон децата и кон бизнисот. Тоа е најчесто некое кратко патување на дестинација на која не сме биле претходно“.


Дијана Стојковска има навистина мотивирачки пораки за Меѓународниот ден на жената, кои ги споделува со читателките на Точка.

Пред сè да се сакаат и негуваат себеси. Да бидат свои, да веруваат во себе и да не дозволат никој и ништо да ги одврати од остварување на нивните цели и соништа или пак да ги убеди дека нешто не можат, не постои нешто невозможно. Да излезат од својата комфор зона и секогаш да ги прифаќаат сите можности, ризици со кои ќе се сретнат во животот. Да ја искористат секоја можност да учат нови работи и да се надградуваат себеси и своето знаење.

Да се радуваат на туѓите успеси и среќа. Секогаш безрезервно да помагаат не барајќи и не очекувајќи ништо за возврат. Да бидат спремни дека најголемите разочарувања ќе ги доживеат од оние кои најмалку очекуваат. Да бидат спремни дека на патот кон успехот ќе изгубат многу драги и блиски личности. Поразите и разочарувањата да не ги деморивираат и разочаруваат, туку да им бидат животна лекција“, заклучува Дијана Стојковска за Точка.


Автор: Цеце Николова
Фото: Приватна архива