Речиси една четвртина од возачите помлади од 35 години велат дека ризично се однесуваат зад воланот од автомобилот. Тоа е воочливо од годишниот извештај на француската фондација „Vinci Autoroutes“.
Употребата на паметни телефони и консумацијата на алкохол и дрога се во пораст помеѓу помладите до 35 години, особено помеѓу мажите. Тоа го покажува годишното истражување кое за оваа организација го спровел „Ipsos“ во 11 европски земји, во кое учествувале 12.400 возачи.
Дури 67 отсто од младите возачи сметаат дека користењето на телефони без употреба на раце е безопасно, додека 15 отсто веќе имале незгода или за влакно избегнале несреќа како резултат на користење на мобилен телефон.
Резултатите покажуваат дека помладите од 35 години, особено мажите се посклони кон ризично однесување отколку претходните години - 23 отсто од младите користат телефон за гледање видеа додека возат.
Консумацијата на дрога (19 отсто) и чувството на умор зад воланот не се сметаат за премногу опасни. Повеќе од половина испитаници (54 отсто) возат кога се многу уморни.
Уште еден загрижувачки аспект е дека приближно секој трет европски возач на возраст од 16 до 24 години не врзува сигурносен појас.
Исто така, 15 отсто од младите немаат проблем со возење под дејство на алкохол, а постои и тенденција на масовно игнорирање на сообраќајните правила.