Сандра Атанасов, Македонка во Словенија: Приказна за еден остварен сон

Точка

26/11/2023

14:46

124.374

Големина на фонт

а а а

Од секогаш сум сакала нешто повеќе, а тоа ми го понуди Словенија. Не само во образованието, туку и во сегашната работа и животот тука, во Копер, во еден систем кој нуди можности за добар живот, сигурност и напредок.

Вака 30-годишната радовишанка Сандра Атанасов ја почнува својата приказна за сонот за кој мечтаела, а денес на јаве го има. По диплома е физиотерапевтка, а по занимање осигурителен агент. Таа е сопруга и мајка на три деца.


РАДОВИШ - МАРИБОР - КОПЕР

„Во Словенија сум од 2012 година. Дојдов сама во Марибор, каде ме примија како редовна студентка. Тогаш моите мечти почнаа да се остваруваат. Бев во држава која ти нуди можност да работиш и да студираш и од млади години да научиш како сам да си го оствариш сонот, како да си ја оствариш својата животна визија. Таа можност секако дека многу значи, но само за оние кои имаат цел во животот“, раскажува Сандра за првите години од нејзиниот живот во Словенија.

Во 2013 година го запознала нејзиниот денешен сопруг. Набргу од Марибор се преселиле во Копер, каде и денес живеат. Во 2016 им се родила ќерката, а првиот син во 2018. Веќе во 2019 година купуваат сопствена куќа, а во 2022 им се раѓа и вториот син.


Сопругот на Сандра е електричар во „Лука Копер“, а таа работи како агент во осигурителна компанија. Вели, задоволни се и од условите за работа и од платата и од односот на колегите и претпоставените. Се присетува на првите денови кога дошла во Словенија и кога, како странец, вели, не очекувала премногу. Но, средината и односите со луѓето ја демантирале, па сега со радост повторува дека особено и е мило што со колеги од факултетот и ден денеска другаруваат, иако таа е на едниот, а тие на другиот крај на Словенија.

ПОЧНАВМЕ ОД НУЛА

Почнале од нула, вели Сандра, а сега се презадоволни што постигнале.

„Да се биде дел од словенечкиот систем е навистина задоволство. Професионални институции, коректен однос, култура на високо ниво, европски стандард, високи еколошки стандарди, менталитет... Особено како родител сум презадоволна што имам сигурност за иднината на моите деца, пред сè во делот на образованието и средината во која растат. И јас и сопругот сме задоволни и од третманот на работа и од висината на платите. Можности за напредување секогаш има, а ниту јас ниту сопругот ни за момент не сме биле деградирани затоа што сме странци. Никогаш не ни било речено – тоа за вас не важи, странци сте. Почнавме од нула, но комбинацијата од нашата желба и упорност со можностите што ги нуди словенечката држава, ни овозможи да си го остваривме сонот – и приватно и професионално“, вели Сандра.


РЕФОРМИТЕ СЕ КЛУЧОТ

Паралела меѓу Македонија и Словенија не ѝ тешко да направи, бидејќи како што вели, нивоата се сосема различни – од приватен живот и менталитет, до професионален ангажман и однос.

Во Македонија, вели, го почувствувала животот и во мала и во поголема средина. Детството го поминала во Радовиш, а средношколските денови во Штип, кога се јавила желбата за поразвиен свет, за напредување во образованието, за спокоен и безбеден живот. Тогаш ја одбрала Словенија. И, како што вели, не погрешила.


Не крие дека никогаш не размислувала да се врати назад, но не крие и дека сака и Македонија да го достигне нивото на Словенија. Но, од она што го гледа непосредно во „новата дома“, Македонија мора да запне повеќе со реформите, особено во образованието и здравството. Роднините, пријателите и Македонија, вели, никогаш не ги заборавила, ги посетува секогаш кога може. И додава дека би била пресреќна кога Македонија би била на нивото на Словенија, од секој аспект.