Точка интервју со еден од најуспешните млади ди-џеи во Македонија: „Сакам да бидам легенда, не сум се родил за да бидам Resident Dј“

Точка

08/01/2024

09:00

94.939

Големина на фонт

а а а

Денеска ви носиме празнично интервју со Борјан Илковски. Не сме сигурни колку ова име и презиме нешто би ви значело, но ако ви кажеме ди-џеј Боно, нештата веројатно стануваат појасни.

Боно е еден од ди-џеите во големото Лолипоп семејство (Lollipop entertainment group). На само 25 години, Илковски поставува нови и високи стандарди за диџејството во Македонија. Ако го отворите неговиот Инстаграм профил, можете да забележите дека имал навистина плодна година, со многу настапи, прослави, родендени, разни настани каде се слушал неговиот избор на музика. Тоа доволно говори за успешната кариера на Боно.

За најуспешната година во неговиот живот, за ди-џеите во Македонија, за предизвиците со кои се соочувал и многу повеќе, читате во денешното празнично Точка интервју. 

Боно, ја испрати годината под „полн гас“. Што сѐ ти се случи на кариерен план, дали можеш 2023 да ја наречеш најуспешна година досега во твојот живот?

- 2023 беше година која ќе ја памeтам по големиот успех, на кој лично би си аплаудирал! Во секој поглед, кариерно особено. Бев презафатен со настапи, како на професионалната, така и на приватната сцена. Одев насекаде низ Македонија, а богами и низ Скопје. Сè што сакав - успеав. Точно како што велите во прашањето, 2023 ја испраќам како најупешна година во мојот живот досега!


Од кога почна да се занимаваш со оваа професија? Кои се најголемите предизвици во Македонија за еден млад и перспективен ди-џеј?

- Како Dj се бавам од многу мал (10 годинки). Паметам, бев ди-џеј на родендените на сестра ми и на моите (се смее). Потоа, сето тоа прерасна во огранизирање забави во моето маало, за кои сите мои врсници знаеја и беа дел од нив. Беа најозборувани, доаѓаа деца и од други маала, па така тоа прерасна во професија.

За предизвиците во Македонија. Искрено, сега е многу лесно. Во ова време сè е полесно, во моето време беше ептен тешко. Во скопските клубови секаде има resident ди-џеи, кои за жал го убиваат бизнисот од секој поглед... Но, само во Скопје е тешко да почнеш како ди-џеј и да се одвоиш, во другите градови е многу полесно. Не се толку „еднонасочни“, сакаат разноликост.

На прашањето дали има перспектива - ќе речам ДА, но ја затвораат големите агенции и маркетинг фирми. Не даваат никаква шанса на посериозните фестивали и настани… Јас сум OPEN FORMAT DJ - тоа би значело дека би можел да се снајдам речиси во секоја ситуација. Искрено, мислам и дека сум единствен образован ди-џеј кај нас, а тоа се истакнува со многуброните настапи ширум Македонија. Луѓето мислат знам само „БАЛКАН Party“, но тоа не е така. Одговорно тврдам дека доколку се одлучам да одберам еден стил - би издоминирал, без никакви пречки. Но, сакам да сум на сцена почесто, па затоа сум OPEN FORMAT.

Во моментов дефинитивно си еден од најуспешните млади ди-џеи во земјава. Се сметаш ли себеси за таков? Кон што целиш, каде се гледаш за 5 години?

- Благодарам многу! Но, нека зборуваат многубројните настани и преработки под прашањето дали се сметам за еден од најуспешните. Ако говориме за едно друго време, во Македонија дефинитивно има икони на диџејството. Гоце Саф, Никифор, Бранчез, Галоски, Тони Зен, Панчо, К-105, долга е низата.


За 5 години? Искрено, на некој фестивал во странство, а се надевам и дека еден ден ќе бидам Dj на OHRID CALLING. Тоа ми е желба. Без потценување, кога видов дека Salvatore Ganacci може, можам и јас. Тој е исто „луд“ на сцена и знае да „откачи“ со балкански хитови и преработени во негов стил. Истовремено, во иднина се гледам себеси и како голем промотор на македонската музика, ќе направам огромни проекти, кои едвај чекам да ги видите и слушнете.

Правиш забави за луѓе од 7 до 77 години. Како успеваш во тоа, со оглед дека навистина ги опфаќаш речиси сите можни целни групи?

- Да, вистина е дека правам забави за луѓе од 7 до 77 (се смее). Ќе бидам искрен, растен сум со музика од разни стилови. Татко ми, ми пушташе од The Doors до Jean-Michel Jarre, а знаеше да ми пушти и Васка Илиева, Никола Бадев, Гоце Арнаудов и ред други македонски народни изведувачи… Додека мајка ми, ми пушташе музика од Азис до Мухарем (се смее). Растејќи си додадов и мој стил, а сето тоа ми овозможи да сум подготвен и прилагодлив за секоја возраст и музика. И сметам дека вистински музичар не „хејта“, ниту пак критикува стил на музика.


Детските забави можеби ти се најголема „специјалност“. Која е тајната децата да те обожаваат? Како поминуваат вашите дружби, што сакаат најмногу да слушаат?

- Буквално. Пораснав со детски родендени и забави и тоа не е тајна. Децата се полни со енергија, а мене тоа ми дава сила, мотив да не запирам. Настрана парите, сум одел и „скапан“ на родендени.


Децата имаат сензори со кои вешто гледаат дали да ти дозволат да ги „командаш“. Им смислив „час по журкање“, тие се како на час по МУЗИЧКО на родендените. Имам вовед, развој и крај. Секоја забава е со поучен карактер, децата си заминуваат дома со насмевки. И не им пуштам „Три чаше“. Им пуштам - Gonna Make You Sweat (Everybody Dance Now), Baha Men - Who Let The Dogs Out... Инаку, најчесто слушаат сè што е моментално популарно од Doja Cat, Dua Lipa до Breskvica, Desingerica… Со согласност од родителите се пуштаат песните кои ги бараат, ништо не правам на своја рака во таа насока. Гушките што ги добивам од децата на крајот од родендените е нешто што уште не научив како да го опишам...

По што ќе ја паметиш 2023 година?

- 2023 ќе ја паметам по настапите во Битола во Клуб Расчекор и во Велес на Средношколците! Крушево со огните... Незаборавно!


Зошто не настапуваш во Скопје?

- Во Скопје бев многу развиен пред 4-5 години на Junirot сцената, кај и да одев - рушев рекорди. До ден денес се паметат тие забави. Не настапувам најпрвин заради тоа што локалите не плаќаат доволно, а и мислат дека не сум достоен за нив или, како што велат - недораснат. Како дете бев бунтовен за диџејска дневница, па можеби тоа им пречи на поединци. Не прифатив по секоја цена да бидам пион, па еве каде ме донесе тоа. Искрено, криво ми е, но не можам да го променам тоа, можам само да чекам да се сменат работите. За волја на вистината, Скопје има страшна енергија!

На кои градови со задоволство им се враќаш?

- Уф, сите градови се супер расположени кога гостувам, имам браќа и сестри секаде. Но, еве ќе издвојам некои: Прилеп, Гостивар, Тетово, Берово, Битола, Крушево и Крива Паланка.

А, има ли градови каде публиката те бара, а сѐ уште не си настапил?

- Ми остана само Ресен како град во кој не сум настапил. Во сите други градови во мојата татковина Македонија - бев.

И, за крај, што си посака за оваа 2024 година?

- Си посакав да имам повеќе време за да ги остварам сите нови проекти и цели. Сакам да бидам легенда, не сум се родил за да бидам Resident Dj!



Спонзорирани линкови

Маркетинг