Интервју со Марјан Јовчевски од КТМ „Енерџи Солушн“: Со зелената енергија нема да има потреба од користење на термоелектраните кои се преголеми загадувачи

Точка

03/02/2024

11:15

36.424

Големина на фонт

а а а

Македонија од енергетски зависна држава од електрична енергија, за само три години, се појави како лидер во производство на зелена енергија, претежно добиена од сонце која е најеколошката енергија во моментов.

Ако во 90-те и по 2000-та година, Македонија беше извозно ориентирана на земјоделски продукти и вино и доработка на текстилни продукти, сега новиот производ, кој е извозно ориентиран, е зелена електрична енергија. За неполна година, Македонија изгради капацитети околу 1GW зелена енергија, претежно од соларни централи, гасни централи од биомаса и ветерни електрани. Со ова, Македонија покажа дека не само својата независност, туку е подготвена да го поддржи и Европскиот енергетски сектор.


Единствен недостаток е балансна група - одредени часови во денот не се покриени со зелена енергија. Доколку овие часови успееме да ги покриеме со некаков тип на зелена енергија, ние би биле 100% држава, лидер во Европа, да не речеме - во светот, која би снабдувала 100% зелена електрична енергија, покрај своите потреби во државава и одреден извозен капацитет во одредени часови во текот на денот.

Повеќе за оваа тема разговараме со Марјан Јовчевски од КТМ „Енерџи Солушн“.


Која е таа друга зелена енергија која може да се користи како балансна група?

Одговорот е едноставен. Од сончевата енергија, кога ќе имаме вишоци на електрична енергија и вода (како главна компонента), може да се користи процес на електролиза при кој се одвојува водородот од кислородот и кои ќе ги складираме во посебни цистерни. Во даден период на денот кога ќе нема сонце и ветер, со обратен процес, односно поврзување на двете компоненти - водород и кислород, добиваме енергија која поминува низ турбина и произведува електрична енергија (100% зелена) во часовите кога има недостатоци, односно се користи како балансна група.


Со овој начин нема да имаме потреба да ги користиме термоелектраните кои се преголеми загадувачи. Нема да имаме потреба да купуваме (увезуваме) скапа нееколошка енергија, произведена од нуклеарни централи (во минатото најчесто од Бугарија) и би биле енергетски независни.

Во западноевропските земји, на пример, СР Германија, повеќе од 80% од автобусите за јавен транспорт се на хидроген (зеленото гориво на иднината). Исто така, јужнокорејскиот производител на автомобили, „Hyundai“, произведе возило „SUV Hyundai Nexo“, кое 100% се движи на хидроген и со 6 кг на хидроген поминува 666 км.


Како може едно возило да се движи 100% на хидроген?

Ако баба ми во деведесеттите говореше дека автомобилите не одат на вода, денес е факт дека автомобилите почнаа да се движат на вода, односно на хидроген.


Кои се вашите цели за поставување на такви машини?

Ако КТМ „Енерџи Солушн“ за 1 година изгради повеќе од 30MW соларни централи во 2023 година, а во 2022 пионерски изгради повеќе од 15MW соларни централи за време на вонредната состојба кога хараше корона - вирусот во светот, сега новиот предизвик на КТМ „Енерџи Солушн“ е да го постави единственото хидрогенско построение кое ќе ги користи вишоците на електрична енергија во системот на електропреносната мрежа во Република Северна Македонија и со ова ќе парира на големите европски сили во енергетскиот сектор. Односно, кога цената на електричната енергија ќе биде во одредени часови многу ниска, ќе произведува хидроген, а подоцна ќе го користи хидрогенот за да произведе пак зелена електрична енергија во ноќните часови кога нема сонце и ветер.


Каде ќе биде поставено првото хидрогенско построение?

Бидејќи ние сме тројца партнери, сите сме од Штип и затоа локацијата е наједноставно да биде во Штип каде ќе можеме лесно да го контролираме построението и ќе биде лесно за развој во поголеми капацитети. Нашите инженери во моментот неуморно работат на проектот за поставување на ова построение. Тие се млади и желни за успех, а ова покрај научна димензија има и општествено одговорна вредност. Инженерите, Филип Мајсторски и Даниел Стојанов, во првата половина на 2024 ќе бидат носачи на овој проект, бидејќи јас и моите партнери, Трајче и Кристијан, веќе сме доволно уморни, за да водиме ваков комплексен проект. Секогаш милувам да кажам дека светот останува на младите и тие се главната машина на нашето друштво. Со оваа мисла, мислам дека ќе мотивирам плејада на македонски бизнисмени, кои немаат идеја како да ги инвестираат своите средства, бидејќи корона вирусот го направи своето, каматните стапки на банките пораснаа вртоглаво и на овој начин заспаните средства во банките се надевам дека дел ќе се ориентираат во инвестиција на 100% зелена електрична енергија.


Со ова стануваме општествено одговорни и дел од новите ѕидари на новата зелена планета и успорување на климатските промени, бидејќи данокот природата секојдневно си го зема преку поплави, пожари и други елементарни непогоди.

Моето мото е: „Сонцето грее еднакво за сите!” Водата е благодет од природата што треба да го чуваме. Да го зачуваме чистиот воздух за нас и за нашите деца е наша главна цел!“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг