Ден Бутнер, соработник и истражувач на американскиот „National Geographic“, поминал 20 години проучувајќи ги најдолговечните луѓе во светот.
Тој е автор на терминот Сина зона, кој се однесува на пет места низ светот каде што жителите живеат подолго од просечниот човек. Тоа се Икарија во Грција, Окинава во Јапонија, Сардинија во Италија, Лома Линда во Калифорнија и полуостровот Никоја во Костарика.
Бутнер вклучил некои навики од луѓето што ги проучувал и во својата рутина. Благодарение на тие нови навики и тој влегува во најздравиот еден процент од луѓето на негова возраст, покажал неговиот лекарски преглед.
63-годишниот истражувач ги практикува овие навики секој ден за да остане среќен, здрав и да придонесе за сопствената долговечност.
Бутнер решил да се пресели на јужниот дел на Мајами, во средина што го принудува да се движи повеќе. Живее покрај океанот, кој често го посетува и плива, а може да вози и велосипед низ околината. „Живеам активен живот, такво ми е секојдневието и не морам да го планирам“, вели тој.
Бутнер воопшто не јаде месо. Приближно 98 проценти од храната што ја консумира е од растително потекло, а храната ја консумира во временска рамка од 10 до 12 часа. Обично јаде два пати на ден - доцна наутро и доцна попладне.
Дознал дека оние кои јадат шолја грав дневно живеат околу четири години подолго од луѓето кои не јадат грав. Бутнер сака да јаде и спанаќ, печени компири, тофу и наут.
Според Бутнер, „многубројни студии пронашле врска помеѓу општествениот живот и долговечноста“. Човек треба да се дружи со круг на луѓе кои му одговараат и така се ослободува од стресот.
Една од работите за кои Бутнер не прави компромис е работењето после 17 часот. Доцното попладне е исклучиво резервирано за него, за физичка активност и дружење, а не за работа.
Бутнер практикува физичка активност секој ден. Тоа може да биде сурфање, возење велосипед или градинарство.
"Не правам ништо во што не уживам. Не уживам во кардио вежби, ниту во претерано интензивни вежби. Но, има и бројни други активности кои ме прават среќен. После тоа се грижам да спијам осум часа. Многу е помал стресот кој го доживува телото, ако спиете добро“, рече тој.