Демирал предизвика дипломатски скандал: Турскиот амбасадор повикан во германското МНР, УЕФА започна постапка

Точка

04/07/2024

16:50

3.050

Големина на фонт

а а а

Реџеп Тајип Ердоган ќе пристигне во Германија на четвртфиналниот натпревар во кој ќе се сретнат репрезентациите на Турција и Холандија.

Министерството за надворешни работи на Германија денеска соопшти дека го повикало турскиот амбасадор.

Повикот на амбасадорот се доведува во врска со фактот дека турскиот фудбалер, Мерих Демирал, со прстите имитирал облик на глава од волк, откако го постигнал голот во текот на натпреварот против Австрија на Европското првенство во фудбал.

Прикажаниот гест е поврзан со Сивите волци, ултранационалистички младински огранок на турското националистичко движење.

Тој гест е забранет во Австрија, а групата Сиви волци е забранета во разни земји ширум светот.

Во Германија тој гест не е забранет, а органите за спроведување на законите ја следат групата.

Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, го критикуваше гестот на Мерих Демирал.

„На симболите на турските десничарски екстремисти не им е место на нашите стадиони. Користење на Европското првенство во фудбал како платформа за расизам е сосема неприфатливо. Очекуваме УЕФА да го истражи ова прашање и да разгледа санкции“, рекла таа на социјалната мрежа „X“.

Истиот ден УЕФА започна постапка против Мерих Демирал.

Турскиот амбасадор е повикан во германското Министерство за надворешни работи ден откако германскиот амбасадор бил повикан во турското Министерство за надворешни работи, наведува „Reuters“.

Поради ситуацијата со Демирал, турското Министерство за надворешни работи ги обвинило германските власти за ксенофобија и ја нарекло истрагата на УЕФА неприфатлива. Турските власти соопштиле дека тој гест е историски и културен симбол и дека не е насочен против никого.

Според изворите на германскиот телевизиски канал NTV, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ќе пристигне во Германија на четвртфиналниот натпревар во кој ќе се сретнат Турција и Холандија.

Натпреварот ќе се одигра на 6-ти јули во Берлин. Од таа причина, Ердоган го откажал планираното патување во Азербејџан.




Спонзорирани линкови

Маркетинг