[ФОТО] Што се случува со потомците на Јуриј Гагарин: Ќерките Елена и Галина се образовани и успешни, внукот го носи неговото име, но не го сака неговото презиме вредно милијарда рубли

Точка

16/10/2024

17:03

2.026

Големина на фонт

а а а

Јуриј Гагарин стана олицетворение на освојувањето на вселената, но живееше обичен, земски живот со саканата сопруга и двете ќерки. Јуриј Гагарин беше оженет со Валентина Ивановна која му остана верна и по неговата смрт, а целиот живот го помина во „ѕвездениот“ град, североисточно од Москва, таму каде што ги проживеа најубавите години со саканиот сопруг. По смртта на сопругот таа не се мажеше, а според кажувањата на ќерките, смртта на Јуриј била многу болна за мајка им која одбегнувала да зборува околу тоа.


Вдовицата живееше тивок и повлечен живот, притоа не давајќи ниту едно интервју за јавноста. Меѓутоа подоцна со цел да го сочува сеќавањето на Јуриј Гагарин, напиша книга „108 минути и цел живот“, а почина на 85 годишна возраст, на 17 март 2020 година.

Децата на Јуриј Гагарин

Елена Гагарина е постарата ќерка на Јуриј која имаше 11 години кога загина татко ѝ. Таа со топлина се сеќава на татко ѝ и вели дека токму тој ѝ ја всадил љубовта кон уметноста. „Тој припаѓаше на генерација која имаше многу малку можности (Гагарин и неговото семејство биле под германска окупација), и поради тоа по војната сите тие со голем жар се интересираа за сè, раскажа Елена во интервју посветено на татко ѝ, којшто покрај вселената бил фасциниран и од историјата и уметноста.


„Еден од неговите пријатели ми кажа дека татко ми, кога бил во Москва, одел во музејот на Пушкин каде посетувал предавања за уметноста“, додаде Елена, а тоа веројатно влијаело врз изборот на нејзината професија, односно таа одлучила да стане експерт во областа на ликовната уметност. По завршувањето на факултетот се вработила во музејот на Пушкин каде на почетокот се грижела за англиската графика, а следните 20 години ги посветила на англиската уметност од 18 век. Нејзината кариера и денес е поврзана со уметноста, историјата и менаџментот на уметноста. Повеќе од 20 години Елена е генерален директор на музејот на Московскиот кремљ, a покрај тоа таа е член и на комисијата за соработка со УНЕСКО и член на Патријашискиот совет за култура. Елена во текот на бракот со филмскиот снимател Елизбар Каравајев ја доби ќерката Екатерина.


Галина Гагарина е помладата ќерка на Јуриј која на седумгодишна возраст остана без таткото, а зборувајќи за него, Галина се сеќава на нивниот заеднички пикник во природата, како и љубовта на татко ѝ спрема животните. „Доколку не работеше во неделите, одевме во шума, собиравме печурки и шетавме. Кога одевме на излет многу сакавме да се возиме со чамец по езерото“, вели Галина. Галина се здоби со економско образование, а подоцна стана и доктор на економски науки. Таа сега работи како шеф на катедрата за економија на рускиот економски универзитет „Г. В. Плеханов“.


Во 2011 година Галина поднесе пријава за регистрација на заштитниот знак со името на нејзиниот татко – Јуриј Алексејевич Гагарин. „Зошто ова да биде за осуда кога сите заработуваат на името на Гагарин. Зошто тоа некој да не го направи за неговото семејство“, изјави Галина. Експертите тогаш проценија дека брендот „Гагарин“ вреди една милијарда рубли. Галина е омажена за онкологот Константин Кондратчик, а заедно го добија синот Јуриј.

Внуците на Јуриј Гагарин

Екатерина Каравајева – внуката на Гагарин реши да тргне по стапките на мајка ѝ и дипломираше на факултетот за историја на Московскиот државен универзитет. Потоа долго време работеше во музеите на Московскиот кремљ, омажена е и сега живее во Лондон.


Јуриј Кондратчик, синот на Галина којшто не сакал да го земе познатото презиме на дедо му бидејќи како што вели, не сака да ги рекламира роднинските врски со првиот астронаут и ја одбегнува јавноста. „Морам да признаам кога требаше да извадам пасош, имав таква помисла (да го земам презимето Гагарин), но сепак се откажав.


Помислив дека нема да биде во ред кога некој ќе ме праша да се претставам, јас да кажам дека се викам Јуриј Гагарин“, изјави внукот во едно од ретките интервјуа. Јуриј за себе вели дека е „обичен човек“, а како дете сакал да стане лекар, но подоцна тргнал по стапките на мајка му и се здоби со економско образование. Моментално тој управува со неговата компанија која се занимава со изградба на патишта, а неодамна стана татко, така што големиот астронаут Јуриј Гагарин сега има и правнук.



Спонзорирани линкови

Маркетинг