„Кажете само колку пари треба“, таткото на Вања напишал порака за откуп во погрешна група па ја избришал

A1ON.MK

18/10/2024

14:57

2.239

Големина на фонт

а а а

Истрагата за запаленото возило „цитроен“ ги однело до пик-ап возилото „кангу“ и Политичката партија „Десна“, на Љупчо Палевски, изјави началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во Основниот кривичен суд Скопје.

Сведокот Дејан Димовски, кој во тоа време работел како началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, рече дека барале налог за претрес, но бидејќи се работи за политичка партија, доста доцна влегле.

– Внатре беа тројца, меѓу кои Кешишев. Кога влеговме рече како „ајде ве чекавме“. На прашање зошто, рекол дека ја виделе полицијата надвор како стои долго време. По разговор останатите двајца ги пуштиле како неинтересни за случајот. Од разговорот со Кешишев, се виде дека нешто крие. Кажа дека му готвел на Палчо и дека живеел таму. Кешишев, во разговорот неколку пати го посочи Велибор Манев од Велес, за кого се виде дека е сосед на Панче Жежовски. Тогаш полицијата отишла во претрес на домот на Манев, изјави сведокот.

При испитувањето на Кешишев, нагласи сведокот, му станало јасно дека ги имаат, по што почнал да се „крши“ и кажува работи.


– Јас не сум човек. Кажа еден лош збор. Штом сум во ова и јас имам учество. Полека се кршеше човекот… Кажа дека оделе со Палчо во Бразда за некој објект што го градел. Реков, ќе не однесеш ли таму, па да па не, рече ќе ве однесам. Излеговме на терен со две возила. Цело време велел „Се плашам ако дознаат, Палчо имал луѓе во полиција, ќе го убијат“, изјави сведокот.

Кешишев, посочи сведкот, ги однел во селото Бразда, каде по земјен пат ги однел до местото каде е закопано девојчето, како и дека со нив бил и Веља и Боре „каратистот“.

– Не ни зборуваше, само покажуваше со глава. Застана на едно место со расфрлани перници и чаршафи. Почнавме да копаме. И тогаш го најдовме девојчето. Одма се јавивме и известивме обвинител, изјави сведокот.

Девојчето кога го нашле, посочи сведокот, било во облеката во која било пријавено за исчезнато, со врзани раце и нозе и лента на устата.

– Тоа се нивни искази. Ни кажуваа. Ние работевме по налог на Палчо, изјави сведокот.


Во разговор со Велибор Манев, тој им кажал каде е телото на Панче Жежовски.

– На тој увид подигната е и една чаура, изјави сведокот.

Прашан зошто таткото на Вања, Александар бил сомнителен, сведокот рече дека тогаш сите им биле сомнителни и го анализирале и движењето на Александар.

Една индиција, посочи сведокот, била кога виделе дека тој со неговото возило возел кон Качанички пат. Кога го прашале зошто оди по тој пат, рекол дека мисли дека е изнесена надвор од државата и тоа бил најкраткиот пат до граница.

– Тој да не кажам како да ги предвидуваше работите, изјави сведокот.

Друга индиција, рече сведокот, е што најдовме една порака во телефонот на Зорица, од скриншот на Александар со Вања, каде и вели да биде топло облечена утре.

– Во разговор со Зорица и рекол дека ако е киднапирана не е проблем за пари дека ќе најдат од некој Хари, само колку пари треба да кажат. Друг индикатор е дека Александар ја згрешил групата и во групата на родители пратил порака што потоа ја избришал. Од сведочења на родители во групата, пишувало „Кажете само колку пари треба“, изјави сведокот.


За денешното рочиште се повикани уште четворица сведоци, предложени од Обвинителството.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие се сомничат дека испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22 ноември минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Поврзани вести: 

Александар од снимка ни го предочи возилото на Панче, не кажа зошто се сомнева: Вања комуницирала со момче од Шведска кое на профилот имало знамиња од ИСИС

Полициски началник со грозоморни детали за убиството на Вања: Се шокиравме кога ја најдовме, беше како жива кога ја извадивме



Спонзорирани линкови

Маркетинг