[ФОТО/ВИДЕО] Кој беше Јахја Синвар и како стана „симбол на злото“ во Израел: „Дали светот очекува од нас да не правиме врева додека нè колат?“

Точка

18/10/2024

22:10

1.091

Големина на фонт

а а а

Израелската војска вчера го уби лидерот на Хамас, Јахја Синвар, по што израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху изјави дека „сметката е наплатена“, но дека војната сè уште не е завршена.

Синвар (62) го помина својот живот организирајќи ги и учествувајќи во борбите против Израел пред да биде именуван за политички водач на Хамас, по убиството на Исмаил Ханије, врз којшто Израел изврши атентат на 31 јули во Техеран, меѓутоа никогаш не ја презема одговорноста за делото.


Хамас не ја коментираше израелската објава за убиството на Синвар, кое се случи во период насилството ескалира во целиот регион зголемувајќи го стравот од сеопшта војна на Блискиот исток, пишува „Al Jazeera“.

Израел е во војна со Хезболах во Либан, и додека ирачките групи и Хутите лансираа дронови и ракети врз Израел, американската војска ги бомбардираше позициите на Хутите во Јемен. За тоа време, Израел е подготвен да го нападне Иран како одговор на иранскиот ракетен напад врз израелските воени бази.

Меѓутоа, американските функционери се надеваат дека убиството на Синвар би можело да помогне кон ставање крај на војната.


Синвар се смета за архитект на нападот врз Израел од 7 октомври 2023 година, којшто ја сметаше вооружената борба за најефикасен начин за спротивставување на израелската окупација на палестинските територии поради, како што изјави тој, рамнодушноста на меѓународната заедница кон страдањата на Палестинците.

Палестинскиот лидер со седиште во Газа беше број еден, јавен непријател на Израел. Пред да стане водач на политичкото биро на Хамас, тој беше највисок функционер на оваа група во Газа.

Се претпоставуваше дека Синвар не се појавувал во јавноста во текот на целата војна. Некои медиумски извештаи сугерираат дека тој бил длабоко во мрежата на тунели на Хамас, опкружен со израелски затвореници.


Меѓутоа, според израелските извештаи, Синвар е убиен во Рафа, по вооружениот судир со израелската војска. Не е јасно зошто се борел со борците, ниту дали постојано командувал со воените, копнени операции.

Синвар беше роден во 1962 година во бегалскиот камп Кан Јунис, честопати претставуван како ден од најбескомпромисните високи функционери на Хамас. Израел го апсеше неколку пати во раните 80-ти за неговото учество во антиокупацискиот активизам на Исламскиот универзитет во Газа. Откако дипломираше, тој помогна во воспоставувањето на мрежа од борци за вооружена борба против Израел. Таа група подоцна го доби називот бригада Касам, и стана воено крило на Хамас.


Синвар му се придружи на Хамас како еден од неговите водачи набргу откако групата беше основана од шеикот Ахмед Јасин во 1987 година. Следната година израелските сили го уапсија и му изрекоа четири доживотни казни или 426 години затвор, поради вмешаноста во заробувањето и убиството на двајца израелски војник и четворица осомничени палестински шпиони.

Додека престојувал во затворот, Синвар напиша роман за палестинската борба, за којшто се верува дека делумно е автобиографски, насловен „Трн и каранфил“.

Синвар помина 23 години во израелски затвор, каде научил хебрејски и се здоби со големо знаење за израелската внатрешна политика. Тој беше ослободен во 2011 година како резултат на договорот за размена на затвореници којшто го овозможи и ослободувањето на израелскиот војник Гилад Шалит, којшто Хамас претходно го заробил.


По неговото ослободување, Синвар за кратко време повторно се издигна низ хиерархијата на Хамас. Во 2012 година беше избран во политичкото биро на групата и имаше задача да ги координира бригадите Касам.

Тој одигра водечка политичка и воена улога за време на седум - неделната офанзива на Израел врз Газа во 2014 година. Следната година, Соединетите Држави го класифицираа Синвар како „посебно означен глобален терорист“.

Во 2017 година, Синвар стана шеф на Хамас во Газа, наследувајќи го Ханије, која беше избран за претседател на политичкото биро на групата. За разлика од Ханије, кој патуваше низ регионот и држеше говори за време на војната во Газа па сè до неговиот атентат, Синвар се криеше од 7 октомври 2023 година.


Обвинителите на Меѓународниот кривичен суд побараа издавање на налози за апсење на Ханије, Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант поради наводни воени злосторства во тековната војна во Газа.

Во интервју за „Vice News“ во 2021 година, Синвар изјави дека иако Палестинците не ја бараат војна поради нејзината висока цена, но друга страна тие нема да „мавтаат со белото знаме“.

Синвар тогаш веројатно го опишуваше Големиот марш на враќањето, за време на кој Палестинците протестираа секоја недела на границата на Газа со месеци во 2018 и 2019 година, пишува „Ал Џезира“. Тие демонстрации беа проследени со насилен израелски одговор кога беа убиени повеќе од 220 луѓе, а многу повеќе беа ранети.


Како одговор на прашањето за тактиките на Хамас, вклучувајќи го и неселективно истрелување ракети што може да им наштети на цивилите, Синвар рече дека Палестинците се борат со средствата кои ги имаат на располагање. Тој го обвини Израел за намерно масовно убивање на палестински цивили, со оглед на тоа дека поседува напредно, прецизно оружје.

„Дали светот очекува од нас да бидеме жртви кои добро ќе се однесуваат додека нè убиваат, да не креваме врева додека нè колат?“, запраша Синвар во текот на интервјуто.



Спонзорирани линкови

Маркетинг