Научниците ја открија тајната на „Девојката со бисерна обетка“

Точка

01/11/2024

16:15

13.548

Големина на фонт

а а а

Сликата „Девојката со бисерна обетка“ насликана од холандскиот сликар Јоханес Вермер со децении магнетски го привлекува вниманието на публиката. Со турбан на главата, голема бисерна обетка, благо отворени усни и директен поглед, главната протагонистка на сликата има речиси хипнотички ефект врз набљудувачот. Научниците исто така се обидоа да објаснат зошто е тоа така и која е тајната на оваа слика.

Науката и уметноста, рака под рака


Имено, Mauritshuis, музејот во Хаг во кој се наоѓа оваа слика, која датира од 17 век и која често се нарекува „Мона Лиза на Северот“, нарача студија за откривање на причините за нејзината привлечност. Задачата и беше доверена на компанијата „Неуренсикс“, која анализираше што не мотивира на ваква интензивна реакција.

Во текот на истражувањето, избраните посетители носеле уреди со електроди за мерење на електричната активност на мозокот (ЕЕГ), додека во исто време се следел нивниот поглед за да се утврди на што точно се фокусираат. Резултатите од мозочните тестови покажаа дека работата на Вермер е способна да предизвика зголемена активност во специфичен мозочен регион - прекунеусот, дел од париеталниот лобус кој е поврзан со интроспекција, евокација на лични сеќавања и функции на свеста.


Континуирано внимание


Анализата на собраните податоци донесе неколку интересни заклучоци. Најпрво, Вермер ја искористил природната реакција на луѓето прво да погледнат во лицето, очите и усните, врз основа на што заклучуваат за емоциите и расположението на личноста пред нив. Во случајот на сликата „Девојката со бисерна обетка“ се случува нешто друго: гледачите прво го насочуваат погледот кон очите и устата на девојката, а потоа вниманието го насочуваат кон бисерната обетка. Но, тие не застануваат тука, туку го враќаат погледот кон очите и устата, потоа кон обетката и така во таканаречениот процес на континуирано внимание. На овој начин, посетителите гледаат на споменатото дело многу подолго од кое било друго во Мауритшуис.


Ова истражување донесе уште една добра вест за галериите и музеите: студијата покажа дека копиите не можат да го заменат оригиналот дури и во однос на емоциите што ги предизвикуваат. Гледањето слика во музејски и галериски простор предизвикува емоционален одговор во мозокот кој е десет пати посилен од гледањето репродукција.