Војната во Украина трае повеќе од 1.000 дена, а ситуацијата дополнително се заостри откако на украинските сили им беше дозволено да користат ракети АТАКМС за напади на руска територија. Москва предупреди и го обвини Западот дека „сака ескалација“.
Светските медиуми јавија дека САД ја одобриле употребата на крстаречки ракети со долг дострел од страна на Украина. Министерството за одбрана на Русија објави дека украинските вооружени сили извршиле напад со шест балистички ракети АТАКМС во регионот Брјанск.
Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша декретот „за одобрување на основите на државната политика на Руската Федерација во областа на нуклеарното одвраќање“. Ажурираната доктрина предвидува дека нуклеарен напад може да биде предизвикан од агресија против Русија или нејзините сојузници од било која неконтролирана држава со нуклеарна поддршка, како и од масовен воздушен напад со не-нуклеарни средства, особено беспилотни летала.
Украинските единици на ПВО се обидуваат да го одбијат рускиот воздушен напад врз Киев, соопшти воената администрација на украинската престолнина.
УКРИНФОРМ известува дека во Киев е активиран воздушен аларм.
Украинската армија исто така ги предупреди граѓаните за беспилотни летала над Киев.
САД привремено ја затворија амбасадата во Киев поради, како што велат, „конкретни информации за потенцијален масовен воздушен напад на 20 ноември“.
Од претпазливост, амбасадата ќе биде затворена, а на персоналот му е наредено да се евакуира. Американската амбасада препорачува на американските граѓани да бидат подготвени за засолништа доколку се издаде воздушна тревога - стои во изјавата.
Оваа вест доаѓа само неколку дена по изјавата на администрацијата на Џо Бајден дека ќе ѝ овозможи на Украина да користи американско оружје за напади врз Русија.
Москва вчера објави дека Украина погодила руска територија со шест ракети АТАКМС со долг дострел испорачани од САД.
Ако САД ја прекинат поддршката за Киев, Украина ќе ја изгуби војната против Русија, оцени украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во интервју за „Фокс њуз“, тој истакна дека, иако Украина има свое производство на оружје, тоа не е доволно, и дека Киев ќе продолжи да се бори независно од американската одлука.
Ако помошта се намали, мислам дека ќе изгубиме. Имаме производство, но тоа не е доволно за победа. И не мислам дека е доволно за опстанок - рече тој.
Зеленски нагласи дека првите денови од војната биле најтешки и дека иднината ќе зависи од единството на Украина и Европа, особено од односите меѓу Киев и Вашингтон.
Синоќа, Пентагон објави дека Стејт департментот ја одобрил потенцијалната продажба на воена опрема и услуги за Украина во вредност од 100 милиони долари.
Американскиот претседател Џо Бајден ја одобри испораката на анти-пешадиски мини за Украина, јави „Вашингтон Пост“ повикувајќи се на двајца американски службеници.
Еден од изворите наведе дека Украина се обврзала да не ги користи мините во густо населени области.
Пентагон смета дека снабдувањето со мини е клучен чекор за забавување на руските напади врз Украина, пренесува Ројтерс.
Ниту Русија, ниту САД не се потписнички на Отавската конвенција, која забранува употреба и трансфер на анти-пешадиски мини.
Руската армија пресретна над 40 украински беспилотни летала
Руската армија синоќа пресретнала над 40 украински беспилотни летала над своја територија, објавија Министерството за одбрана и локалните власти.
Во изјавата се наведува дека системите за ПВО уништиле и пресретнале 44 беспилотни летала над руската територија. Од нив, 20 се уништени над Новгородската област, пет над Курската област, четири над Орловската, и три над Белгород, Тула и Твер. Два летала се уништени во Брјанската и Смоленската област.