Што е демисексуалност и како се карактеризира?

Точка

21/11/2024

15:38

1.855

Големина на фонт

а а а

Англиската пејачка и актерка Тулиса Контоставлос во новата епизода од шоуто „I’m a Celebrity“ откри дека е демисексуалка.

Таа додаде дека ги мрази апликациите за запознавање. „Морам да имам навистина блиска емотивна врска со некого. Во целибат сум повеќе од три години“, призна Тулиса, позната и како судија во „X Factor“. „Поврзаноста и емоциите кои ги чувствувам кон некого ми се важни и сакам да го покажам тоа“, додаде таа.


Со своето признание пејачката заинтригира многумина и поттикна интерес и расправи за демисексуалноста.

За што станува збор?

Во последните неколку години, разбирањето на сексуалноста опфаќа повеќе од термините хетеросексуалност и хомосексуалност.

Така, денес луѓето кои можат сексуално, емоционално и духовно да се вљубат во личност од кој било пол се идентификувани како пансексуалци, потоа оние кои воопшто не чувствуваат никаква сексуална привлечност се асексуалци, а луѓето кои другите лица ги привлекуваат исклучиво романтично (но не и сексуално), без оглед на полот се нарекуваат панромантичари.


Сите овие поими можеби се веќе познати, но што е демисексуалноста? Се нарекува и полусексуалност или сива сексуалност, и ја означува состојбата при која една личност може да почувствува сексуална привлечност само доколку постои емотивна поврзаност со другата личност. Со други зборови, демисексуалците не чувствуваат никаква сексуална привлечност кон партнерот доколку прво не оформиле силна емотивна врска.

„Asexuality.org“ наведува дека демисексуалците сексуално не ги привлекува никој од кој било пол. Меѓутоа, кога се емотивно поврзани со некого (било да се работи за чувства на романтична љубов или пријателство), тие доживуваат сексуална привлечност и желба, но само кон одреден партнер или партнерка.

Знаци на демисексуалност

За демисексуалците изгледот не е многу важен, но важно им е создавањето на автентични врски засновани врз слични интереси. Тие обично не се многу сексуално активни и генерално не се заинтересирани за краткотрајни сексуални уживања.


Исто така, демисексуалците често развиваат врски од пријателство. Имено, често им се случува да развијат чувства спрема своите пријатели кои многу добро ги познаваат. За демисексуалците сексот не е високо на листата на приоритети во врската. Меѓутоа тоа не значи дека не уживаат во сексот, но физичкиот чин е помалку важен од разговорот.

За демисексуалците првите состаноци се малку поинакви. Додека многумина сакаат да зборуваат за опуштени теми и полека да се запознаваат со другата личност, демисексуалците на првиот состанок сакаат да зборуваат за длабоки теми за да го разберат карактерот на другата личност и да ја проверат меѓусебната компатибилност. Освен тоа, идејата за бакнување на првиот состанок за нив е незамислива.


На крајот, демисексуалците честопати добиваат коментари дека се традиционални и дека не мораат да чекаат до бракот за да стапат во сексуални односи, но на нив тоа ништо не им значи. Демисексуалците преферираат прво добро да го запознаат потенцијалниот партнер, а дури потоа размислуваат за привлечноста и сексот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг