[ВИДЕО] Се вљубила во „полковник“ од Тиндер, а потоа ја дознала шокантната вистина

Точка

21/11/2024

16:49

3.226

Големина на фонт

а а а

Осамената Британка Мери (60) последните 20 години ги поминала без партнер, па решила љубовта да ја побара на апликацијата за запознавање „Tinder“. Нејзиното внимание го привлекол профилот на Мајк Марди, кој се претставил како 61-годишен полковник на американската армија од Нешвил стациониран во Велика Британија.

„Ми испрати видео, облечен во неговата униформа. Изгледаше прилично згодно“, се потсети Мери и раскажа како полковникот ѝ кажал дека неговата сопруга починала од рак пред пет години и дека нема деца. Исто така ѝ испратил и фотографија од себе и неговата покојна сопруга, а Мери решила да му даде шанса и му ја дала нејзината адреса.

Набргу потоа Мери добила пакет со подарок. Заедно со украсниот златен цвет и неколку ситници, таа добила и порака: „Ти си таа со која сакам да бидам, сега и засекогаш“. Но, потоа „полковникот“ побарал нешто од Мери.

Имено тој ѝ кажал дека се наоѓа на последната мисија во Куба пред пензионирањето како и дека има животно осигурување за себе и за неговата покојна сопруга. Меѓутоа ја замолил Мери да му помогне околу исплатата на полисата за осигурување.


Преку видеото кое ѝ го испратил ја замолил да му верува и ѝ рекол да му испрати пари за актовката со 766.000 долари да ѝ биде доставена на нејзината адреса за и двајцата „да можат да уживаат во пензијата“.

Побарал уште повеќе пари

Подоцна ѝ го испратил бројот на неговата банкарска сметка преку апликацијата за размена на пораки „Signal“, а Мери ги испратила парите, но потоа добила актовка во која пишувало дека треба да испрати уште 12.600 долари за да добие шестцифрен код за пристап.

Таа почнала да се двоуми, но потоа Мајк ѝ испратил видео во кое бил поагресивен, кажувајќи ѝ дека „несреќната Мери“ изгледа дека е „повеќе фокусирана на парите отколку на нивната врска“. Поради тоа Мери попуштила и ги испратила парите, но кодот никогаш не го добила. Кога ја отворила актовката видела само празни хартии и сфатила дека е жртва на измамник, при што изгубила околу 25 илјади долари од заштедата.

Мајк не постои

Но дури подоцна Мери ја дознала мрачната вистина: Мајк воопшто не постои. Неговите слики, гласот, пораките и снимките биле производ на вештачката интелигенција. „Беше потресно. Навистина е застрашувачка помислата дека ги креирале овие видеозаписи“, изјавила Мери на која и било срам да каже дека била жртва на измама со вештачка интелигенција.



Мери сега работи со Националната телефонска линија за помош при измами. „Оваа измама е една од најкомплексните кои некогаш сме ги виделе бидејќи вклучува вештачка интелигенција, како и физички предмети кои се испраќаат по пошта. Особено за луѓето кои не се запознаени со вештачката интелигенција, разбирливо е дека лесно можат да наседнат на таква измама“, објасни Мартин Ричардсон, постар партнер во компанијата.

Инаку, на веб-страницата на американската амбасада во Обединетото Кралство се појави предупредување за сајбер криминалци кои лажно се претставуваат како воени офицери и на тој начин мамат жртви и извлекуваат пари од нив.



Спонзорирани линкови

Маркетинг