Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и претставници на Хамас, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото поради војната во Газа и нападот на 7 октомври 2023 година во Израел, што доведе до конфликт, пренесува АП.
Оваа одлука, според медиумот, ги става Нетанјаху и другите осомничени на меѓународната листа и веројатно дополнително ќе ги изолира и ќе ги усложни напорите за преговарање за прекин на огнот за ставање крај на 13-месечниот конфликт.
Нетанјаху и другите израелски лидери го осудија издавањето за налог на главниот обвинител на МКС Карим Кан како срамно и антисемитско.
Американскиот претседател Џозеф Бајден, исто така, го осуди обвинителот и изрази поддршка за правото на Израел да се брани од Хамас. Хамас исто така силно го критикуваше барањето.
„Сметаме дека постојат разумни основи да веруваме дека и двете лица намерно и свесно го лишиле цивилното население во Газа од средствата неопходни за нивниот опстанок, вклучувајќи храна, вода, лекови и медицински материјали, како и гориво и електрична енергија“, напиа трочлениот судиски совет во едногласната одлука за издавање налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Галант.
Израелското Министерство за надворешни работи во септември објави дека поднело два правни поднесоци со кои ја оспорува јурисдикцијата на МКС тврдејќи дека судот не му дал шанса на Израел сам да ги истражи наводите пред да побара потерници.
„Ниту една друга демократија со независен и почитуван правен систем како оној што постои во Израел, не била третирана на ваков штетен начин од обвинителите“, напиша на Твитер портпаролот на Министерството за надворешни работи, Орен Марморштајн.
Тој рече дека Израел останува стабилен во својата посветеност на владеењето на правото и правдата и дека ќе продолжи да ги штити своите граѓани од екстремистите.
МКС е судот во последна инстанца кој ги гони само случаите кога домашните органи за спроведување на законот не можат или нема да истражат. Израел не е земја членка на судот. Групите за човекови права оценуваат дека земјата во минатото имала проблем во истрагата за нејзините постапки.
И покрај налозите за апсење, ниту еден од осомничените најверојатно нема да се соочи со судиите во Хаг наскоро. Самиот суд нема полициски сили за извршување на наредбите, туку се потпира на соработката на своите земји-членки, пишува претходно споменатуот медиум.