Џорџ Расел продолжи онаму каде што застана во квалификациите за Ф1 трката во Лас Вегас и утринава обезбеди победа за себе и тимот на Мерцедес на американска територија.
Триумфот на Британецот очекувано е засенет со фактот што Макс Ферстапен обезбеди доволно поени за да ја потврди веќе четвртата титула светски шампион во Формула 1.
Мерцедес максимално профитираше од добрите перформанси на болидот во Лас Вегас, па стигна до еден-два победа, откако Луис Хамилтон го освои второто место иако ја започна трката од десеттата позиција.
Последното место на победничкиот пиедестал му припадна на Карлос Саинц, додека Шарл Леклер беше четврти за комплетирање на солидното издание на Ферари во Вегас.
Макс Ферстапен го освои петтото место, но беше една позиција подобар од Ландо Норис, што е доволно за недостижна предност и четврта титула по ред во Формула 1.
Ферстапен со новата титула им се приклучи на Алан Прост и Себастијан Фетел, а повеќе титули од ова трио имаат само Михаел Шумахер, Луис Хамилтон и Хуан Мануал Фанџо.