Вчеравечер, во познат скопски ресторан, својата љубов ја овековечија некогашните кошаркари Едина Муса и Александар Димитровски Мачка.
Муса, која секојдневно споделува фотографии од својата бременост, некако успешно го криеше овој дел од нивниот живот, а венчавката ја изненади пошироката јавност.
Таа во месец септември објави дека е бремена со фотографија на која го гали своето трудничко стомаче, а вчера (29.11) стапи во брак со таткото на нејзиното бебе.
Ова е прв брак за Едина, а втор за Мачка, кој беше женет за нашата популарна пејачка Тамара Тодевска.
На свадбата присуствуваа и неговите деца од првиот брак, Хана и Дарен, а по сè се чини дека поранешните сопружници останале во одлични односи. Имено, самата Тамара сподели фотографија од нивните деца на која кажува дека тие двајца се „спремни за на свадба кај тато“.
Невестата која е во поодмината бременост блесна во припиена венчаница која ѝ го оцртува стомакот, а младоженецот одбра класичен костим. Со бел бидермаер и бранови во косата, таа блеска покрај саканиот.
За изгледот на Едина се погрижи Арменд Рамадани и таа изгледа неверојатно.
Од споделените фотографии и видеа на социјалните мрежи, може да се види дека меѓу специјалните гости на свадбата бил и Дарко Гелев - Брејк кој на младите им посака долг и среќен живот со безвременската балада „Лебедот бел“.
Првиот танц на младенците им го отпеа Павле Камиловски, сопругот на другарката на Едина, Ирина Камилоска, која исто така споделуваше фотографии од веселбата.
Меѓу познатите гости кои присуствувале на свадбата, од фотографиите можеме да го забележиме нашиот најпознат шминкер Александар Билјановски – Дадар.
Им посакуваме вечна љубов.