"Aston Martin Valkyrie" постави нов рекорд во круг на патеката "Silverstone" во категоријата патни сериски автомобили, постигнувајќи време од 1:56.42.
"Valkyrie" се произведува за купувачите веќе три години, а наскоро и последната копија од овој модел ќе ја напушти фабриката на "Aston Martin". За да го покаже целосниот потенцијал на автомобилот, британскиот производител му го довери на Дарен Тарнер, победник на трката 24 часа Ле Ман. Тарнер ја искористи сета моќ на "Valkyrie" на легендарната британска патека.
Со време од 1:56.42, "Valkyrie" лесно го собори претходниот рекорд од 2:06.83, кој го држеше модифицираното "Porsche 911 GT2 RS" на "Manthey Racing". Исто така, импресивно е што "Valkyrie" го надмина "Lamborghini Huracan GT3", кој постави време од 1:58.165 на "slick " гуми во 2019 година.
Стандардни гуми и предизвикувачки услови
Рекордот беше поставен на стандардните гуми "Michelin Pilot Sport Cup 2" додека патеката беше сува, но врнеше ден претходно, што влијаеше на држењето. И покрај ова, "Valkyrie" постигна брзина од 330 km/h на право.
„Перформансот на болидот беше неверојатен. Не сум сигурен дали можев да добијам повеќе, но ако условите беа идеални, можеби ќе можев да добијам неколку десетинки подобро време. Неверојатно е што ова е легален автомобил за на пат а го вози Silverstone" побрзо од круг за пол-позицијата во британскиот ГТ шампионат“, изјави Тарнер.
Како "Valkyrie" се споредува со Ф1 болидите?
При развивањето на "Valkyrie", "Aston Martin" најави дека ќе биде побрз од Формула 1 болид. Сепак, рекордот на Silverstone" за Ф1 болиди, кој изнесува 1:27,097 го држи Макс Верстапен од 2020 година, што патната верзија на "Valkyrie" не може да го достигне.
Но, тука е и "Valkyrie AMR Pro", верзија само за патека за која многумина веруваат дека може да постигне значително подобри времиња и уште повеќе да се доближи до рекордите поставени од болидите на Ф1.