Рафиња постигна два погодоци и ја продолжи својата извонредна голгетерска форма оваа сезона, па и самиот не крие дека ги игра најдобрите месеци во својата фудбалска кариера.
Бразилецот се претвори во клучен играч на Ханси Флик и веќе некое време ја носи капитенската лента, а иако првично многумина се сомневаа во таквата одлука, Рафиња покажа дека може да биде и лидер на теренот.
Победата над Мајорка со 1:5 беше многу важна за Барса по серијата од три меча без триумф во Ла Лига, но Рафиња како капитен ги стави своите два гола во втор план и реши да го истакне играчот кој добие најмногу критики во последно време.
Френки Де Јонг беше исвиркуван од навивачите на Барселона, но вчера одговори со гол и асистенција во победата на Балеарските Острови.
– Најсреќен сум поради голот на Де Јонг, тој беше играчот кој најмногу заслужи вакво нешто. Секогаш напорно работи за тимот и ни помага на теренот и надвор од него. Тој е еден од нашите капитени и сите чувствуваме посебни симпатии кон него. Сите сме среќни што постигна гол, – изјави Рафиња.