Невидливи закани во чинијата: СЗО ја објави листата на најопасни болести што се пренесуваат преку храна

Точка

09/01/2025

20:30

940

Големина на фонт

а а а

Светската здравствена организација (СЗО) и Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) објавија извештај за најчестите вирусни болести кои се пренесуваат преку храна. Целта е да се нагласи сериозноста на овие заболувања кои можат да имаат фатални последици на глобално ниво.

Норовирус — водечка причина за болести од храна

На првото место се наоѓа норовирусот. Според извештајот, овој исклучително заразен вирус е водечка причина за болести предизвикани од храна. Неговата преносливост е толку голема што може да се шири и при минимална контаминација на храната.


Симптомите на норовирусот вклучуваат дијареа, повраќање, болки во стомакот и треска. Проценките на СЗО покажуваат дека норовирусот предизвикува 125 милиони заболувања и 35.000 смртни случаи годишно. Во САД е одговорен за 58% од сите болести поврзани со храна, со околу 2.500 епидемии годишно. Најчести извори на контаминација се готовата храна, замрзнатите бобинки и школките.


Хепатитис А — глобална закана

Вториот најчест вирус е хепатитисот А, кој предизвикува околу 14 милиони заболувања и 28.000 смртни случаи годишно. Се пренесува преку контаминирана храна, а најчести извори се школките, замрзнатото овошје и готовите оброци.

Во земјите со пониски хигиенски стандарди, овој вирус се шири многу побрзо. Во развиените земји, вакцинацијата го намалува ризикот, но вирусот сè уште претставува сериозна закана, особено за ранливите категории на население.


Хепатитис Е — опасност од животни производи

На третото место е хепатитисот Е, кој се пренесува од животните на луѓето, најчесто преку недоволно зготвени производи од свинско месо, како црн дроб и паштети. Вирусот може да предизвика сериозни здравствени проблеми како цироза на црниот дроб и невролошки нарушувања.


Други вируси со помалку познати ризици

Меѓу останатите вируси што се пренесуваат преку храна се астровирусот, саповирусот, ентеровирусот и ротавирусот. Иако не се толку добро проучени, тие можат да предизвикаат сериозни заболувања.

Извештајот на СЗО и ФАО повикува на подобрен надзор и меѓународна координација за да се намали ризикот од овие болести. Експертите препорачуваат подобрена обука за рано откривање на вируси во храната, како и строги хигиенски стандарди во прехранбената индустрија.


Со оглед на зголемениот глобален обем на трговија со храна и климатските промени, експертите предупредуваат дека ризиците ќе растат. Брзите и ефективни мерки за контрола и превенција може да спасат милиони животи ширум светот.