Новороденче замрзнало во креветчето во црква во Италија, мистеријата се уште не е решена

Макфакс

15/01/2025

09:46

611

Големина на фонт

а а а

Новороденче, кое било пронајдено мртво во креветчето во црква во Бари, Италија, починало поради хипотермија, а можна причина е дефект на сензорите кои треба да го активираат греењето.

Оваа хипотеза произлезе по тричасовна консултација одржана во понеделник, 13 јануари, во просториите на црквата Сан Џовани Батиста.

Сензорите, кои се наоѓаат на лулката, се поврзани со душекот во креветчето и треба да ги активираат грејачите да го стартуваат или прекинат греењето во лулката. Тоа очигледно не се случило, поради што бебето се смрзнало, пренесуваат локални медиуми.

Откако ќе започне греењето во креветчето, свештеникот добива известување на мобилниот телефон дека процесот е започнат. Исто така, истрагата утврдила дека телефонот и креветчето биле синхронизирани, но не е јасно зошто не било добиено известување дека нема греење.

Свештеникот Дон Антонио Руќа и техничарот Винченцо Нанокио, кои на 14 декември извршија поправки на електричните инсталации во црквата, се заедно под истрага за убиство од небрежност. По откривањето на безживотното тело на новороденчето, Дон Руќа изјавил дека телефонот „не му заѕвонил“ тоа утро.

Истражителите ја отфрлија можноста линијата меѓу лулката и телефонот на свештеникот да е прекината поради прекин на струја, а моментално се анализира душекот на кој лежело бебето.

Истрагата се води на два фронта. Првиот се однесува за напуштање на дете, за што засега се осомничени непознати лица. Вториот се однесува за убиство од небрежност, за кое парохискиот свештеник Дон Антонио Руќа и техничарот Винченцо Наноки се под истрага. Инспекторите треба да утврдат зошто алармниот систем на термалната лулка, која била поврзана со телефонот на парохискиот свештеник, не работела и не пријавила присуство на бебето. Поради оваа причина ќе се изврши вештачење на колевката.

Бебето можело да умре во црквата или, како што тврдеше парохискиот свештеник од самиот почеток (иако без доказ), бебето можеби веќе било мртво кога го ставиле во лулката. Во меѓувреме се чека одобрение од Обвинителството за да се продолжат подготовките за погребот на бебето.

Бебето тежело 2,8 килограми и имало помалку од еден месец. Роберто Саварезе, сопственикот на погребалното претпријатие и првиот човек што го пронашол бебето тоа утро, ќе го погреба новороденчето.