[ФОТО] „Не знам дали е жива мајка ми“; „Свекор ми беше во делот кој целосно изгоре“: Членовите на семејствата чекаат вести за своите најблиски во Србија

Макфакс

20/01/2025

11:03

3.097

Големина на фонт

а а а

Пред домот за стари лица во Бараево, каде што утринава избувна пожар во кој досега загинаа осум лица, а седум беа повредени, пристигнуваат видно потресени членови на семејството на жителите на домот. Мажот, чија мајка била корисничка на домот за „Блиц“ изјави дека нема информации дали мајка му е жива, и дека се надева на најдобро.

Таа била на приземје во делот кој изгорел. „Немам информации дали е жива и каде е. Последен пат бев тука на 9 јануари кога на мајка ми и донесов работи и се што и требаше. Таа потоа прими терапија“, раскажува тој за „Блиц“.


На местото на настанот пристигнала и брачна двојка, а таткото на мажот бил жител на овој дом.

„Свекор ми беше внатре, во самиот дел кој целосно изгоре. Токму под оџакот“, вели видно потресена жена.

Таа додава дека немаат информации за неговата состојба, но дека знаат дека се пронајдени четири машки тела во целосно јагленисана состојба.


Медиумите потсетуваат дека најмалку осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утринава околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Србија.

Како што соопштија од српската полиција, постојат основи на сомнение дека пожарот е подметнат, а полицијата во соработка со надлежното обвинителство продолжува интензивно да работи на утврдување на сите околности и факти за овој настан.


Во моментот на пожарот во домот имало 30 лица, од кои осум починале, седум лица се повредени, од кои на тројца им била укажана лекарска помош во Ургентниот центар, а четворица на ВМА. Останатите корисници се сместени во друг дом за стари лица, пренесува медиумот.