Парно греење нема ниту во училиштата и градинките, СДСМ повика на формирање на кризен штаб

Макфакс

20/01/2025

15:26

263

Големина на фонт

а а а

Опозициската СДСМ повика на формирање на кризен штаб, откако утрово повеќе скопски општини останаа без парно.

Според информациите, греење нема во Центар, Ново Лисиче, Аеродром, Кисела Вода, Капиштец. Парно греење нема ниту во дел од училиштата и градинките, а родителите во повеќе општини добиле повик да дојдат да си ги земат децата.

„Скопјани, децата, пензионерите мрзнат поради неспособноста на ДПМНЕ. Децата и изнемоштените луѓе, во 21 век се оставени на милост и немилост на несподобните директорчиња од ДПМНЕ и министерката за енергетика, блиска до Мицкоски“, велт од СДСМ.

Од тука додаваат дека двата системи се проектирани да функционираат на начин што ќе ја поделат обврската во затоплување – дел со парно, а доминатен дел со струја. Сега кога граѓаните се оставени со саати без парно се принудени да бараат алтернатива, да вклучуваат греење на струја, да се згрејат на овие минусни температури, велт од СДСМ.

„Целосна одговорност за хаосот во енергетскиот сектор е кај минстерката за енергетика, Сања Божиновска која нема капацитет да менаџира со овој важен сегмент. Ги повикуваме веднаш да формираат кризен штаб, брзо да се реагира и веднаш граѓаните да добијат греење. Во време на голема светска енергетска криза СДСМ не дозволи да има прекини, граѓаните имаа непречено и струја и парно греење!“, се вели во партиската реакција.

Од ЕСМ претходно информираа дека поради зголемени загуби на вода во топлификациската мрежа, е намалена испораката на топлинска енергија и се работи на изолирање на проблемот со цел воспоставување стабилен хидрауличен режим во системот и нормализација на снабдувањето со топлинска енергија.