На „поздравот“ на Маск реагираше германскиот канцелар, Маск одговори: Срам да ти е, Оаф Шиц

Макфакс

22/01/2025

07:53

2.038

Големина на фонт

а а а

Бројни јавни личности ширум Европа изразија гнев поради гестот на Илон Маск, кој потсетуваше на нацистички поздрав. Додека некои го гледаа овој гест како злонамерна провокација, други го протолкуваа како израз на солидарност со екстремно десничарските групи.

Мишел Фридман, истакнат германско-француски публицист и поранешен заменик-претседател на Централниот совет на Евреите во Германија, ги нарече постапките на Маск „срамни“ и дека претставуваат „опасност за целиот слободен свет“. Фридман, чие семејство загина во Холокаустот, изјави за Тагесшпигел, пренесува Кликс, дека бил шокиран кога во живо ја гледал инаугурацијата на Доналд Трамп, за време на која, како што тврди, Маск недвосмислено извел нацистички поздрав.

Шарлот Кноблох, претседател на Еврејската заедница во Минхен и Горна Баварија, ги опиша постапките на Маск како „многу иритирачки“. Таа додаде дека е уште позагрижена за неговите политички активности, вклучувајќи ја и неговата поддршка за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) пред федералните избори.

„Далеку поопасно е мешањето на Маск во германската политика и поддршката за партија чии антидемократски цели не треба да се потценуваат“, предупреди Кноблох.

Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така го осуди однесувањето на Маск, нарекувајќи ја неговата поддршка за крајната десница неприфатлива. Шолц повика на смиреност како одговор на контроверзната администрација на Трамп и провокациите на Маск.

Маск одговори во свој стил на Икс со погрден коментар за Шолц, нарекувајќи го „Оаф Шиц“, што многумина го протолкуваа како навредлива игра на зборови.

Берлинскиот судија Каи-Уве Хербст изјави за Берлинер цајтунг дека гестот на Маск може да се смета за доволен доказ за покренување обвиненија според германските закони, но додаде дека злонамерната намера ќе треба да се докаже. Адвокатот Бенедикт Мик истакна дека конечната пресуда ќе зависи од севкупниот контекст на настанот.