Астон Вила успеа да обезбеди директен пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите, но во исто време, клубот и управата мораа да одговорат на две понуди кои стигнаа за двајца нивни играчи, асови од офанзивната линија.
Клубот од Бирмингем кажа „ДА“ за продажбата на Џон Дуран во Ал Наср, операција за која ќе заработи најмалку 77 милиони евра за играчот кој за местото во Астон Вила се бореше со Оли Воткинс.
Токму за Воткинс пак стигна богата понуда од Арсенал, меѓутоа истата беше одбиена и како што стојат работите „топчиите“ ќе мора да пронајдат нова трансфер мета затоа што составот од „Вила Парк“ не планира да остане без Англичаецот.
- Не сакам да си замине. Сакаме да ја задржиме нашата спортска цел преку играчите што ги имаме во тимот. Секој играч може да биде на пазарот во случај да е добро за играчот, клубот и тимот, но за да го добиеме овој договор, треба и ние многу да бараме. Оли Воткинс е наш напаѓач, - порача менаџерот Унаи Емери.