Јаневски: Не поддржуваме одлука што предвидува нередовни автобуски линии во руралните и приградските населби

Макфакс

30/01/2025

15:50

292

Големина на фонт

а а а

На денешната седница на Советот на Град Скопје обраќање имаше советникот Филип Јаневски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој напомена неколку работи во однос на предложената одлука да се промени интервалот на линиите што сообраќаат во руралните средини и приградските населени места и напомена дека со тоа граѓаните ќе се соочат со многу поретки линии на располагање.

„Се работи за одлука со која некои од линиите што се менуваат, односно распоредот на линиите за кои се менуваат, се намалува интервалот, меѓутоа, генерално, за најголем број од линиите се намалува, односно автобусите ќе бидат поретки. Ова е случајот со линиите кои се приградски, кои сообраќаат во руралните средини околу градот Скопје и во приградските населени места околу градот Скопје, кои и онака веќе се ретки“, вели Јаневски.

Советникот потенцира дека оваа одлука нема да биде прифатена, исто така истакна дека проблемите што настануваат во ЈСП се поради лошото менаџирање, со тоа што има автобуси оставени без да се вметнат во употреба и кои не се сервисирани.

„Така што јас би сакал да кажам дека ние како советничка група оваа одлука нема да ја подржиме токму поради овие причини, имено би сакал да напоменам дека приближно пред две години возниот ред ваков како што е беше целосно почитуван од ЈСП сѐ додека не почнаа проблемите во ЈСП и со овој обем на автобуси што го има ЈСП, така што не се работи овде за недостиг на автобуси, туку за лошо менаџирање со ЈСП и со флотата на автобуси што ја има бидејќи имаме огромен број автобуси што не се сервисирани, што се надвор од употреба“, рече Јаневски.

Јаневски истакна дека е недозволиво ЈСП по само еден месец од кога се изгласани 800 милиони денари, да бара вторпат намалување на автобуските линии, што би придонело граѓаните да се соочат со тешкотии со јавниот превоз.

„Во овој момент да се гласа да се намалуваат бројот на автобусите и редовноста на автобуските линии, особено во руралните и приградските населби, за нас, за мене лично, е недозволиво, особено што граѓаните двојно плаќаат за услугата што ја добиваат. Пред еден месец изгласавме 800 милиони денари за ЈСП и за еден месец подоцна да дојдат вторпат да бараат намалување на одредени автобуски линии е недозволиво, така што ние оваа одлука нема да ја поддржиме, се надевам дека во иднина ќе нѐ консултирате нас советниците“, вели Јаневски.