[ВИДЕО] Земаа "Toyota" вредна 100 долари, па направија реплика на автомобил од 3 милиони долари

Точка

11/02/2025

12:29

6.320

Големина на фонт

а а а

"Koenigsegg Jesko" е хиперавтомобил кој е исто толку редок колку и брз – вистинска ѕверка на тркала, недостижна за повеќето љубители на автомобили поради астрономската цена и ограничената продукција.

Но, никој не ве спречува да си направите сопствен "Jesko", како што тоа го стори тимот виетнамски мајстори кои го привлекоа вниманието со изработка на импресивна реплика, користејќи делови од стара лимузина на "Toyota".

Станува збор за проект на работилницата "NHET TV", "YouTube" канал кој стана омилено место за љубителите на реплики на хиперавтомобили. Доколку мислите дека ова им е прв ваков подвиг – се лажете.

Во 2022 година направија реплика на "Bugatti Chiron", во 2023 "LaFerrari", а во 2024 ја завршија репликата на "Pagani Huayra". Може да се каже дека ја усовршиле уметноста на изработка на автомобили, докажувајќи дека вежбата навистина води кон совршенство.


Од метална рамка до хиперавтомобил

Процесот започна со едноставен метален скелет, обликуван според фотографии од "Jesko". Оваа рамка стана основа за модел во природна големина изработен од глина, кој подоцна послужи за создавање на каросерија од фиберглас – клучен елемент што ѝ даде живот на репликата.

Наместо едноставно да ја постават каросеријата на постоечко возило, тимот реши да изработи целосно приспособена шасија од челик. Како тоа да не беше доволно, дизајнираа и независно потпирање со вградени амортизери, тестирајќи ја неговата издржливост со тоа што едноставно ја испуштија шасијата од висина.

Резултатот? Реплика што остана верна на пропорциите на оригиналниот "Jesko", што ја прави далеку поуверлива.


Мотор од "Toyota Corona"? Зошто да не!

Следниот чекор беше пронаоѓање на погонскиот склоп. Мајсторите се одлучија за невообичаено решение – деветтата генерација на "Toyota Corona" (позната и како Carina E), која, наводно, ја купиле за само 100 долари.

Иако каросеријата била во лоша состојба, моторот сè уште бил исправен. Тимот успеа да го искористи не само моторот, туку и менувачот и други клучни механички компоненти.

Атмосферскиот 1.8-литарски мотор на "Toyota" беше монтиран зад кабината, на приспособена шасија. Се разбира, не може ниту да се доближи до 1.600-коњскиот 5.0-литарски twin-turbo V8 мотор на вистинскиот "Jesko", но е економично и доверливо решение што овозможува репликата да биде функционална.


Дизајн на екстериерот и ентериерот

Каросеријата на репликата е обоена во впечатлива црвена боја, со бели линии и црни детали. За да останат што е можно поверни на оригиналот, тимот рачно ги изработи предните и задните светла, како и масивните аеродинамички елементи инспирирани од "Jesko Attack" верзијата. Додадоа и лажни дискови за кочниците со зелени клешти.

Она што е можеби уште поимпресивно од екстериерот е фактот дека виетнамските мајстори успеаја да ги копираат и подвижните делови на каросеријата, вклучувајќи ги и специфичните врати. Ова е еден од најтешките предизвици при рачна изработка на автомобили, особено за оние што немаат искуство во автомобилската индустрија.

Завршната фаза вклучуваше поставување на внатрешните панели, кои остануваат верни на оригиналниот дизајн, но со очигледно поевтини материјали како пластика и лажни екрани.

Спортските седишта се обложени со светлосина навлака со дијамантски шев, а централната конзола дури има и два држачи за чаши.


Една година работа за неверојатна реплика

Според "NHET TV", целиот процес траел една година, што ја нагласува посветеноста на сите вклучени во проектот. Како и нивните претходни реплики, овој модел не е наменет за комерцијална употреба и не е легален за возење на јавни патишта поради недостиг на основни безбедносни функции.

Сепак, ова е неверојатно достигнување што им помага на мајсторите да ги усовршат своите вештини, додека во исто време генерира милиони прегледи на социјалните мрежи – што веројатно им претставува и главен извор на финансирање.

Ако сте љубопитни и сакате да го видите целиот процес, "NHET TV" објави речиси едночасовно видео со деталите на изработката. Погледнете го во продолжение, заедно со галеријата на слики што ги прикажуваат клучните моменти од оваа извонредна реплика.