Милан донел одлука за Консеисао, има подготвено и резервен план

Дерби

03/03/2025

12:26

379

Големина на фонт

а а а

Милан ја продолжи лошата резултатска серија и забележа нов пораз во италијанската Серија А, овојпат од Лацио со 2-1.

Трет пат во низа „црвено-црните“ губат со истиот овој резултат, прво загубија од Торино на Елиф Елмас, потоа и од Болоња, а вчеравечер и од лацијалите кои со погодок од пенал пред последниот судиски свиреж ги обезбедија трите бода на „Сан Сиро“.

Со ова само дополнително се зголеми притисокот врз тренерот Сержо Консеисао, ама без разлика на последните резултати клубот засега нема да се откаже, ослободи од Португалецот.

Повеќе угледни извори во Италија меѓу кои „Кориере Дела Сера“ и „Скај Спорт Италија“ пренесуваат дека управата на Милан се уште не размислува за отказ на стратегот, ама во исто време неговата позиција не е сигурна.

Тој ќе добие уште некоја шанса, ама доколку ситуацијата се влоши тогаш Консеисао ќе биде минато, а „росонерите“ веќе и знаат кој потег да го повлечат.

Планот е да се назначи легендата Мауро Тасоти кој би го водел тимот до крајот на сезоната. Само за потсетување Консеисао има договор со калчолигашот до 2026 година, но составот од Милано има опција да го раскине договорот на крајот од натпреварувачката 2024/2025.