Според медиумските извештаи, САД повторно размислуваат за повлекување на своите војници од Германија. Меѓутоа, доколку дојде до тоа, тоа нема да се случи преку ноќ, велат упатените.
Покрај тоа, САД продолжуваат да инвестираат милијарди во своите бази во Германија, пишува Дојче Веле.
Според податоците на Соединетите Американски Држави, моментално во неколку десетици бази во Германија стационирани се околу 37.000 американски војници. Повеќето од нив се во базата Рамштајнк како и нејзината околина во сојузната покраина Порајње-Фалачка. Тоа е најголемата американска воена заедница надвор од САД. Покрај тоа, околу 12.000 германски цивили работат за американската војска низ цела Германија, исто така најголем дел во покраината Порајње-Фалачка.
Трамп се заканил и во 2020 година
Бидејќи Доналд Трамп повторно е претседател на САД, се стравува дека тој може да го намали бројот на војници во Германија. Уште за време на неговиот прв мандат, во 2020 година Трамп се заканил со делумно повлекување на американските трупи од Германија. Неговото образложение беше дека Германија не издвојува доволно средства за НАТО. „Ќе го намалиме бројот на војници во Германија на 25.000“, рекол тогаш Трамп. Меѓутоа, администрацијата на Џо Бајден подоцна ги отфрли тие планови.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс зазеде поостар тон кон сојузниците во НАТО и Германија за време на Минхенската безбедносна конференција: тој го критикувал наводното ограничување на слободата на говор во Германија и го поврзал со военото присуство на САД во земјата: „Целата германска одбрана е финансирана од американските даночни обврзници“.
Додека пак министерот за одбрана Пит Хегсет на почетокот на февруари, за време на посетата на американските војници во Штутгарт, изјавил дека новата американска администрација засега не планира масовно повлекување на војниците од Европа. Сепак, истовремено, тој нагласил дека ќе се преиспита глобалното распоредување на американските сили.
Овие гласини дополнително ги подгреал британски Телеграф, кој неодамна извести за наводно масовно префрлање на американски војници од Германија во Унгарија. Овие наводи засега не се потврдени.
Безбедносни импликации и нуклеарно одвраќање
Воениот експерт Карло Масала од Универзитетот Бундесвер во Минхен смета дека заминувањето на американската армија од Германија би претставувало и „катастрофален сигнал во однос на безбедносната политика“, особено кон земјите како Русија, бидејќи ќе покаже дека САД повеќе не гарантираат целосно конвенционална воена поддршка за сите европски сојузници.
Сепак, Масала смета дека „не е многу веројатно“ дека ќе дојде до голем трансфер на американски војници, барем не брзо и на краток рок.
Како што рекол Масала, може е да има „постепено повлекување на војниците или нивна прераспределба во рамките на Европа“.
Тој додал дека САД под Трамп повеќе не се гледаат себеси како „примарен гарант за безбедноста на Европа“: „Нема да можеме да ги спречиме Американците во голема мера да се повлечат конвенционално од Европа“.
Нуклеарното одвраќање на Америка и присуството на конвенционални трупи во Европа се сметаат за клучни за одбраната на европските НАТО сојузници.
Се проценува дека околу 20 тактички американски нуклеарни боеви глави се стационирани во воената база Бухел, но за тоа нема официјална потврда.
Германија, која нема сопствено нуклеарно оружје, би можела да ги искористи во кризна ситуација, но само со одобрение на американскиот претседател. Неодамнешните политички настани во САД поттикнаа сомневања за тоа дали Трамп воопшто би бил подготвен да одобри такво нуклеарно учество.
Сепак, засега Масала не гледа „никакви индикации од САД дека и нуклеарниот чадор е доведен во прашање“.
Меѓутоа, тој смета дека Европа треба да се подготви за такво сценарио. Има смисла, рекол Масала, „да се дополни американскиот нуклеарен штит со францускиот“, бидејќи е малку веројатно дека Американците ќе бидат подготвени во иднина да „ризикуваат уништување на Њујорк за, да речеме, ослободување на Естонија“.
Влијание врз германските работници и континуираните американски инвестиции
Многу Германци, цивилни работници на американската војска, моментално се вознемирени, како што потврди Сузан Шефер од синдикатот Верди во Кајзерслаутерн.
И воениот експерт Масала рекол: „Присуството на американските војници е, се разбира, економски фактор во местата каде што се распоредени“.
Пред две недели, вработените во јавниот сектор во овој град учествувале во предупредувачки штрајк, меѓу кои и многумина кои работат за американската војска. Тие побарале повисоки плати и подобри услови за работа, додека многумина стравуваат за своите работни места.
„Стравот е, се разбира, огромен. Секој ден добиваме нови лоши вести. Никој не знае како ќе се развиваат работите“, изјавил Јирген Кнаип (58). Тој е пожарникар вработен во американската армија во Кајзерслаутерн и се плаши дека може да ја изгуби работата.
Сомнителна е-пошта
Според податоците на синдикатот, во моментов има забрана за вработување во цивилниот сектор на американските сили, укината е можноста за работа од дома, а вработените сè почесто добиваат „сомнителна“ е-пошта. Илона Лауер, продавачка во „Kaiserslautern Military Community Center“, гневно изјавила: „Мораме да испраќаме е-пошта со пет работи што ги направивме во изминатата недела. Апсолутна контрола!“.
Друг вработен, кој сакал да остане анонимен, додал дека никој не знае како да реагира на овие пораки. „Зстрашувачки е тоа што нешто ќе се одлучи во Вашингтон, а веќе следниот ден добивате таква е-пошта“.
Во германскиот град Баумхолдер досегашните закани се пречекани сосема мирно.
Американците таму се стационирани веќе 80 години, а во регионот живеат околу 8.000 американски војници и членовите на нивните семејства. Покрај тоа, во американската воена база во моментов се градат голем број нови станови за околу 2.000 дополнителни војници.
Војската на САД планира да премести специјална единица од Штутгарт во Баумхолдер и да инвестира околу една милијарда долари за оваа намена.
Исто така САД во моментов инвестираат значителни суми во други воени бази во Порајња-Фалачка.
Нова воена болница се гради во Вајлербах, во близина на базата Рамштајн, која ќе стане најголемата американска воена клиника надвор од САД. Општинскиот претседател Ралф Хехлер (ЦДУ) затоа не гледа индикации дека Американците би можеле да се повлечат. Па дури и да се повлечат, вели тој, тоа сигурно нема да се случи преку ноќ.