Катастрофална потера заврши трагично: Уништено "BMW", оштетени полициски возила, повредените во болница!

Точка

09/04/2025

17:01

6.759

Големина на фонт

а а а

Полициска потера по автомобил од марката "BMW" заврши со тешка несреќа, при што пет лица се хоспитализирани со тешки телесни повреди, а пет полициски возила се оштетени по драматичен судир на автопатот кај Њукасл.

Инцидентот се случил во текот на ноќта меѓу вторник и среда, околу 2:30 часот по полноќ, а автопатот сè уште е затворен во двете насоки, откако дојде до жесток судир помеѓу полициските патроли и возилото "BMW" што било во бегство.

Според достапните информации, за време на потерата дошло до директен судир помеѓу "BMW"-то и едно од полициските возила, при што возилото на полицијата останало без кров и три врати, кои одлетале низ сите коловозни ленти.


Што точно тргнало наопаку, засега не е познато. Жителите од околината сведочат дека утрото ги дочекал вистински хаос.

„Вакво нешто никогаш во животот не сме виделе, бевме во шок,“ раскажуваат мештаните откако ги виделе разорните сцени од местото на несреќата.

Британските медиуми известуваат дека пет лица се префрлени во болници со сериозни повреди. На самото место и натаму се врши увид, по кој ќе се отстранат остатоците од уништените возила, како и скршеното стакло и пластика расфрлани по патот.


Станува збор за автопат кој води кон аеродромот, поради што властите апелираа до патниците да тргнат порано од вообичаено, со цел да стигнат навреме на летовите.

„Ме разбуди звукот на хеликоптер малку пред 3 часот изутрина, и веднаш сфатив дека е полициски хеликоптер. Кога ги кренав ролетните, видов светлата на итната помош и полицијата како трепкаат насекаде“, раскажува жена која живее покрај автопатот.


Таа додава дека била свесна дека се случува нешто сериозно, но не можела ни да замисли дека несреќата е толку разорна.

Сè уште не е познато што ја предизвикало драматичната потера, ниту кои се сите повредени во инцидентот. Според информациите од Итната помош, повикот бил примен во 2:29 часот, по што на терен биле испратени пет медицински тимови, вклучително и две специјализирани екипи за дејствување во вонредни ситуации.


Сите надлежни служби – полицијата, итната помош и противпожарната служба – само го потврдија учеството на повеќе возила во сообраќајната несреќа, но деталите за тоа што точно се случило засега остануваат мистерија.