Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по прозивките во јавноста рече дека самиот влегол во Клиничкиот центар на Србија, во посета на повредените од Кочани.
„Не мора никого да бркаат, еве веднаш и на обвинителите и нив да им соопштам, па јас сум тој. Гордиот Александар Вучиќ, кој учествуваше и чија идеја беше да се изгради и обнови Клиничкиот центар, да вложиме големи пари. И затоа што е толку модерен Клиничкиот центар, тие луѓе имаа каде да дојдат, а јас отидов да ги посетам“, рече тој одговарајќи на новинарско прашање во Париз.
Претходно студентите кои протестираат повикаа на итно покренување постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорот на Универзитетскиот клинички центар на Србија, директорот на Ургентниот центар и началникот на Интензивна нега. Студентите истакнаа дека неовластени лица влегле на одделението за интензивна нега без заштитна опрема и ги снимале пациентите, со што грубо го загрозувале здравјето, правото на приватност и достоинството на пациентите, пренесоа српските медиуми.
И народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ изјави дека ќе ги истражи сите околности наведени во шестото барање на студентите, кои сакаат да утврдат кој им дозволил на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и новинарите да влезат во одделението за интензивна нега.
По пожарот во дискотеката во кој загинаа 61 лице, дел од тешко повредените пациенти беа пренесени на лекување во Белград. Тие беа сместени во одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), каде Вучиќ заедно со медиумски тимови ги посети на 17 март, по што беа објавени снимки.