Американскиот претседател Доналд Трамп вчера сигнализираше можност за олеснување на трговската војна со Кина, велејќи дека високите царини за кинеските стоки „значително ќе се намалат, но нема да бидат нула“.
Говорејќи на прес-конференција во Белата куќа, Трамп го ублажи својот претходен остар тон, по неколкунеделни одмазднички мерки кои донесоа царини за кинески стоки до 145%.
„145% е многу високо и нема да остане на тоа ниво“, рече Трамп за време на прашањата од новинарите во Овалната соба. „Нема да биде блиску до тоа. Значително ќе се намали. Но, нема да биде нула“.
🇺🇸🇨🇳 Trump’s tariff bluff just folded.
— 𝘊𝘰𝘳𝘳𝘪𝘯𝘦 (@OopsGuess) April 22, 2025
From 145% “punishment” to “it won’t be zero” — the art of the backpedal.
Turns out threatening the world’s biggest manufacturing power isn’t so easy… when your supply chains still run through it.pic.twitter.com/kvGDkQQv1G
Изјавите на Трамп уследија по коментарите на министерот за финансии Скот Бесент, кој претходно истиот ден рече дека сегашните царини меѓу САД и Кина практично ја блокираат трговијата меѓу двете земји.
Бесент на конференција за приватни инвестиции организирана од JP Morgan Chase рече дека верува оти трговскиот конфликт со Кина е неодржлив и дека очекува конфликтот наскоро да се деескалира, потврди за Си-ен-ен извор запознаен со неговите изјави.
Наместо целосна поделба, Бесент им рече на инвеститорите дека целта е да се балансираат трговските односи – оценка што дополнително го поттикна оптимизмот на берзите. Откако неговите изјави излегоа во јавноста, сите три главни американски берзански индекси ги достигнаа највисоките дневни нивоа.
САД и Кина, двете најголеми економии во светот, досега воведоа рекордни царини една на друга, потресувајќи ги глобалните берзи, нарушувајќи ги синџирите на снабдување и зголемувајќи ги стравувањата од рецесија.
Досега Кина задржа цврст став и продолжи со контрамерки: тарифите за американските стоки се зголемени на 125%, се повеќе американски компании се додаваат на листата на несигурни субјекти, а ограничен е извозот на критичните минерали што се користат во производството на iPhone и воени системи.
Покрај тоа, Кина го ограничи прикажувањето на холивудските филмови во своите кина и врати најмалку два Боинга кои беа наменети за кинеските авиокомпании.
И покрај трговските тензии, Трамп постојано тврдеше дека има „многу добри односи“ со кинескиот претседател Кси Џинпинг и дека чека да слушне од него. Според извештајот на Си-ен-ен, тимот на Трамп нема да го направи првиот потег.
Наместо да преговара со Трамп, Кси Џинпинг започна дипломатска офанзива со другите трговски партнери, сакајќи да се спротивстави на американскиот притисок.
Вчера Трамп повторно изрази надеж за преговори со Кси и најави помирувачки тон:
„Не, не, ќе бидеме многу добри. Тие ќе бидат многу добри, и ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп на прашањето дали САД ќе играат цврсто со Кина или со Кси и дали пандемијата „Ковид-19“ ќе биде спомната во разговорите.
„На крајот на краиштата, тие ќе мора да склучат договор. Во спротивно нема да можат да работат во САД, а ние сакаме да бидат вклучени“.
„Мислам дека ќе живееме многу среќно заедно и, идеално, ќе работиме заедно. Верувам дека ќе испадне многу добро“.