Кинескиот претседател: Царините ѝ штетат на мултилатералната трговија

Макфакс

23/04/2025

12:23

254

Големина на фонт

а а а

Кинескиот лидер Шји Џјинпинг денес изјави дека царините ѝ штетат на мултилатералната трговија, според кинеските државни медиуми.

Тој го изјави ова на средба со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој е во официјална посета на Пекинг.

„Царините му штетат на мултилатералниот трговски систем и го дестабилизираат светскиот економски поредок“, рече Шји.

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 145 проценти за повеќето производи што пристигнуваат од Кина, а Кина возврати со воведување свои царини од 125 проценти за американските производи.

Алиев е во Пекинг со цел да постави нов курс за билатералните односи, според кинеските државни медиуми.

Односите со Азербејџан, кој се наоѓа на раскрсницата меѓу Азија и Европа, се важни за Пекинг, особено како дел од иницијативата „Еден појас, еден пат“, која има цел да го зајакне влијанието на Кина во светот.

Џјинпинг денес изјави дека двете земји одржуваат блиски врски и покрај меѓународната ситуација, која постојано се менува.