Овој Први мај, место марш, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави протест оти платите се мизерни, најниски во регионот, не се зголемуваат во согласност со потпишаните договори и Владата и работодавците одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и да ги зголемат сите други плати за најмалку 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика синдикатите здружени во ССМ, нивните членови, но и сите други синдикати и поддржувачи на работничките права, место на скара, да излезат на протест.
„Недостоинствените услови за работа и недостоинствените плати се главниот мотив оваа година на Први мај да протестираме, а не да маршираме. Има многу причини ‘за’, но ниедна против излегувањето на протест на Први мај. Денеска, за жал, огромен број работници во приватниот сектор уште немаат добиено плата за март. Денеска, огромен број институции во јавниот сектор немаат добиено плата за март 2025 година. Ако тоа што ви се ниски платите, ако тоа што не добивате плата не е доволен мотив да ни се придружите на Први мај, тогаш треба да знаете – колку ќе дојдете и колку ќе дојдеме – толку и ќе добиете и толку ќе добиеме. Нè бројат и Владата и работодавците. Поканата е отворена за сите што сметаат дека треба да ни се придружат на овој Први мај заедно да покажеме дека минималната плата во Македонија е мизерна во однос на најниската во регионот. Ако во некоја држава минималната плата е на дното во регионот, во Македонија минималната плата го проби и дното. Не е време за пиво и скара, време е за борба за работничките права“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом на Први мај. Трендафилов апелира работниците да покажат единство оти живеат од плата, не од политика, и масовно да излезат да го искажат незадоволството. Тој нагласи дека пет месеци нарочно не се утврдува репрезентативност на ССМ за да не се одржи седница на Економско-социјалниот совет, на која Владата ќе мора или да го прифати или да го одбие предлогот на ССМ минималната плата да се покачи на 500 евра.