Жена во Бразил доби казна затвор од 14 години затвор откако на споменик напишала навредлива порака за време на немирите во Бразилија.
Имено Дебора Родригес учествувала во немирите во јануари 2023 година, заедно со стотици поддржувачи на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.
За време на овие немири, илјадници поддржувачи на Болсонаро нападнаа владини згради, незадоволни од неговиот пораз на претседателските избори претходната година.
Судијата Кристијано Занин, еден од петте судии кои ја суделе Родригес, нагласи дека таа не била судена само за графитите, туку била прогласена за виновна за повеќе кривични дела.
Поширока истрага за обидот за државен удар
Родригес била уапсена како дел од поширока истрага за наводен заговор за државен удар против новоизбраниот претседател Лула да Силва.
Таа била прогласена за виновна за повеќе кривични дела, вклучувајќи уништување на имот, членство во криминална организација и учество во обид за државен удар.
39-годишната фризерка се извини што напишала „Изгуби, идиоту“ на споменикот на правдата пред Федералниот Врховен суд – инцидент што во Бразил стана познат како „државен удар со кармин“.
Меѓутоа таа тврди дека не учествувала во насилството, а пред судот изјавила дека е „добар граѓанин“.
„Отидов на протестот, не можев да замислам дека ќе биде толку насилен. Никогаш во животот немам направено ништо нелегално“, изјавила Родригес.
Политичка поларизација и последиците од случајот
Адвокатите на фризерката тврдеа дека таа не влегла во зградите за време на немирите и дека дејствувала импулсивно, „во жештината на моментот“, а таа изрази жалење поради нејзините постапки.
Судијата Александре де Мораес, кој претседавал со случајот, констатирал дека Родригес „свесно и доброволно“ се здружила со демонстрантите кои сакале да ја соборат владата.
Тој додал дека Родригес во својата изјава во полиција признала дека учествувала во антидемократски акции и дека биле пронајдени траги од бришење на пораки во нејзиниот телефон, што укажува на обид за прикривање на докази.
Случајот стана точка на здружување за поддржувачите на Болсонаро, кои ја сметаат Родригес за жртва на политички прогон и тврдат дека Врховниот суд станал премногу моќен и пристрасен.
Во февруари, снимка од Родригес стана вирална на социјалните мрежи, а еден месец подоцна, Болсонаро сподели објава за неа на социјалната мрежа Х, повикувајќи на амнестија за сите вклучени во немирите од 2023 година.
Инаку и самиот Болсонаро се соочува со кривично гонење за неговата наводна улога во обидот за државен удар. Доколку биде прогласен за виновен, може да добие казна затвор од над 40 години.