Загина 16-годишно момче во Чаир, возел мотор и удрил во тротинет: Детето што загина со мотор немало ниту возачка, ниту кацига, а возело со брзина над дозволената

Макфакс

27/04/2025

13:49

2.124

Големина на фонт

а а а

Ноќеска, два часа по полноќ загина малолетен мотоциклист на возраст од 16 години, кога се судрил со електричен тротинет управуван од 14-годишно момче. Трагедијата се случила на улицата „Цветан Димов“ во Чаир.

„Од здобиените повреди на местото починал мотоциклистот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Додека, 14-годишникот се здобил со телесни повреди констатирани во Ургентен центар при Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’“, велат од МВР.

Увид на местото на несреќата извршиле екипа на полицијата и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

Како што соопшти државното Јавно обвинителство, според првичните сознанија по увидот, 16-годишникот управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, како и со брзина поголема од дозволената.

-На критичната локација не успеал да избегне електричен тротинет со кој по коловозот управувал 14-годишник. Во сообраќајната несреќа, возачот на моторот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место, додека малолетникот кој управувал со тротинетот е повреден и задржан на лекување, соопшти ЈОРСМ.

Со цел точно утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издал повеќе наредби и насоки.

-Се обезбедуваат и се прегледуваат снимки од видеонадзорот на конкретната локација. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а и кај малолетникот кој управувал со тротинетот ќе бидат извршени анализи за евентуално присуство на алкохол или други недозволени супстанции, наведува Обвинителството.

Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека во СВР Скопје денеска во  02.28 часот било  пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ во скопски Чаир  се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл пиаџо беверли со скопски регистарски ознаки,  управуван од 16-годишник од Скопје, и електричен тротинет управуван од 14-годишник од Скопје.

Од здобиените повреди на местото на несреќата починал 16-годишниот мотоциклист, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Четиринаесетгодишник кој управувал електричен тротинет, пак, се здобил со телесни повреди констатирани во Ургентниот центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“.