Филипче немаше одговор на прашањето од родителите на загинатите што се случило со решенијата за забрана за работа на „Пулс“

Макфакс

29/04/2025

16:48

437

Големина на фонт

а а а

Лидерот на СДСМ, кој заедно со пратениците од оваа партија излезе да се сретне со родителите на загинатите деца во „Пулс“ немаше одговор што се случило со двете решенија за забрана за работа на дискотеката додека таа партија беше на власт.

„Кога бевте на власт, имаше две решенија за забрана на работа на шталата, како што некои од вашите колеги го нарекуваат местото каде што изгореа нашите деца. Што се случи со нив“, праша една мајка на загинато дете.

Филипче рече дека не сака да ја политизира ситуација и дека ќе бара институционално решавање на случајот.

Пратениците на СДСМ на почетокот беа пречекани со „Убијци, убијци“, но потоа родителите и семејствата кои протестираа допуштија да зборуваат бидејќи се одважиле да дојдат кај нив.

Родителите на загинатите деца во пожарот во Кочани пред Собранието побараа оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски. Ги повикаа и пратениците да излезат и да им дадат одговори на нивните прашања.

Пред нив излегоа и со нив разговараа и пратениците од партијата Левица, кои претходно побараа прием на ожалостените во Собранието за да ја следат седницата, што не беше допуштено.

Родителите во рацете носеа фотографии од починатите деца, и транспаренти со натписи „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, „Каде да фатиме врски за да ги вратиме другарите“, „Селективна одговорност е неодговорност“, „Не умираме од несреќи, умираме од корупција!“ „Ги изгоревте децата со вашата алчност и негрижа“. Побараа одговори од институциите за трагедијата и го искажаа својот гнев и во Скопје кон сите партии што владеат 30 години.