Платформата "X" бележи пад на бројот на активни корисници во Европската унија откако ја презеде Илон Маск, покажува нов извештај на американска компанија.
Организацијата "Social Media Today" го анализираше извештајот за транспарентност на платформата "X" и откри дека од август досега платформата изгубила околу 10,5 милиони корисници. Најголем пад е забележан во Франција, Полска, Германија и Шпанија.
Пред Маск да го купи "Twitter" во 2022 година и да го преименува во "X", платформата имаше повеќе од 100 милиони корисници од Европа. Според "Mashable", сега бројот на активни корисници во ЕУ е под 95 милиони, а се претпоставува дека опаѓа и во Обединетото Кралство.
Европскиот акт за дигитални услуги бара од технолошките компании да објавуваат извештаи за транспарентност поврзани со модерирање на содржината, со што се откриваат внатрешни податоци кои инаку не се објавуваат јавно.
Во март 2023 година, Маск призна дека вредноста на "X" се намалила од 44 милијарди долари – колку што плати за платформата во октомври 2022 – на речиси 20 милијарди долари. Иако дел од поранешните огласувачи се вратија на платформата по реизборот на Доналд Трамп, кој доби и финансиска поддршка од Маск, тоа не го спречи падот на вредноста.
Маск тврди дека "X" има 600 милиони активни корисници ширум светот и дека добива популарност во одредени региони. Сепак, "Social Media Today" ги доведува во прашање неговите податоци, повикувајќи се на трендовите во Европа.
Педесет и тригодишниот претприемач се соочува со зголемена критика и во САД и на меѓународен план, особено откако почна отворено да поддржува десничарски политички позиции.
Снимки од Маск како прави гест налик на нацистички поздрав по инаугурацијата на Трамп брзо се проширија на социјалните мрежи. Маск тврдеше дека гестот нема никаква врска со нацизмот, но само неколку дена подоцна се појави преку видеоврска на собир на германската крајно десничарска партија Алтернатива за Германија.
Неговата автомобилска компанија "Tesla" беше цел на критики, при што некои активисти ја нарекоа „производител на свастика-автомобили“. Активисти вандализираа "Tesla" салони и автомобили, а во некои случаи и ги запалија. Администрацијата на Трамп ги нарече тие дејствија терористички акти.
Маск, исто така, беше обвинет дека промовира теории на заговор како „големата замена“ – идеја според која имигрантите ја одземаат моќта на домородното население во САД и други земји. Антидифамациската лига посочи дека оваа некогаш маргинална, расистичка реторика, денес сè повеќе добива присуство во мејнстримот.