Тестираат „паметен“ асфалт: Може да „дише“ и на тој начин да ја лади површината

Точка

02/05/2025

16:28

643

Големина на фонт

а а а

Виена тестира нови материјали за намалување на летната жештина.

Градот бара решенија за сè пожешките лета, па затоа започна интересен експеримент – тестирање на асфалт кој се загрева помалку и ја пропушта водата.

Во лето, асфалтот може да стане вистинска печка, особено во урбаните средини каде што бетонот и асфалтот брзо се загреваат и дополнително ја зголемуваат температурата на воздухот.


Ова не е само непријатно, туку и штетно за здравјето, особено за постарите лица и децата.

Затоа градските власти, заедно со експерти од Техничкиот универзитет во Виена, започнале проект за тестирање на нови видови асфалт.

На велосипедската патека покрај бреговите на потокот Лизингбах на југот од градот, поставени се четири различни вида асфалт – еден стандарден и три иновативни. Разликата е во бојата, видот на смесата и материјалот за врзување.

Она што ги прави посебни е тоа што пропуштаат вода и помалку се загреваат.


Постоечкиот асфалт ја „запечатува“ почвата – водата не може да помине низ неа, што создава големи бари по дождите, а мраз во зима.

Во лето, ваквите површини дополнително го загреваат градот.

Новиот асфалт, кој „дише“, дозволува водата да навлезе низ неа, и на тој начин да ја лади површината.

Покрај тоа, ѝ помага на природата да функционира – растенијата и дрвјата растат подобро кога водата не останува само на површината.

„Баравме нешто што е удобно за возење велосипед, но и за шетачи со деца и за оние во колички. И секако, да биде добро за животната средина“, рече Ули Сима, членка на градската власт на Виена задолжена за планирање.


На 80 метри долгата патека вградени се сензори што мерат температура и влажност. Ова ќе покаже колку новите материјали навистина влијаат врз ладењето на околината. Доколку резултатите бидат добри, овој асфалт би можел да се користи ширум Виена, особено во деловите од градот каде што летната жештина е најизразена.

„Сакаме да докажеме дека ваквите промени можат да помогнат во разладувањето на градот“, рече Волфганг Аблингер од градскиот оддел за патишта.

Испитувањето ќе трае три години, а најдобрата верзија на овој „паметен“ асфалт би можела да постави нови стандарди во урбаното градежништво.