[ВИДЕО] Индија го нападна Пакистан, има жртви

Нетпрес

07/05/2025

00:04

2.027

Големина на фонт

а а а

Индиската влада во средата по локално време дека нападнала девет цели во Пакистан и пакистанскиот дел од Кашмир Индија соопшти дека во средата нападнала девет локации во Пакистан и пакистански Кашмир каде што наводно биле планирани напади против неа, а Пакистан објави дека најмалку три лица загинале, а 12 се повредени, според првичната проценка и порача дека ќе возврати.

„Пред кусо време, индиските вооружени сили ја започнаа ‘Операцијата Синдор’, напаѓајќи ја терористичката инфраструктура во Пакистан и Џаму и Кашмир, окупирани од Пакистан, од каде што беа планирани и насочени терористички напади врз Индија“, се вели во индиското соопштение.

„Нашите акции беа фокусирани, одмерени и неескалаторски по природа. Ниту еден пакистански воен објект не беше цел на напади. Индија покажа значителна воздржаност во изборот на цели и метод на извршување“, се вели во соопштението.

Портпарол на пакистанската војска изјави за радиодифузерот Geo дека одговорот на Пакистан е во тек, без да даде детали. Портпаролот рече дека пет места биле погодени, вклучувајќи две џамии, и пријави три смртни случаи и 12 повредени лица.

По експлозиите, пријавен е прекин на струјата во Музафарабад, главниот град на пакистанскиот дел од Кашмир, известуваат локалните медиуми.

Очевидци и еден полицаец на две локации на границата во индискиот Кашмир изјавија дека слушнале гласни експлозии и интензивно артилериско гранатирање, како и млазни авиони на небото.

Односите меѓу Индија и Пакистан се затегнати по смртоносниот напад на милитанти врз туристи во Кашмир минатиот месец. Индија го обвинува Пакистан за поддршка на прекуграничниот тероризам, што Исламабад го негира.

Минатата среда пакистанскиот министер за информации и радиодифузија Атаула Тарар предупреди дека Индија за два дена планира да изведе напад врз Пакистан. Министерството за надворешни работи на Пакистан во неделата ја објави одлуката на владата да побара од генералниот секретар на ОН да интервенира за решавање на проблемот.

На 22-ри април беше изведен терористички напад во популарниот туристички град Пахалгам во сојузната држава Џаму и Кашмир, при што загинаа 25 индиски државјани и еден Непалец. Според медиумските извештаи, индиската страна наводно пронашла докази за вмешаност на пакистанската Меѓуресорска разузнавачка служба во нападот извршен од исламистичката групација Лашкар-е-Таиба. Поради тоа, Њу Делхи го преполови бројот на службениците во амбасадата во Исламабад, го суспендираше билатералниот договор за распределба на водните ресурси во областа, издавање визи за пакистанските граѓани и ги прогласи воените советници во дипломатската мисија на оваа земја за персони нон грата.


Следните денови медиумите во дветe нуклеарно вооружени земји пишуваа за размена на спорадичен прекуграничен оган, но немаше извештаи за пожестоки судири и настрадани. Индија има околу 500.000 војници постојано распоредени во областа, иако борбите стивнаа откако владата на Нарендра Моди ја укина ограничената автономија на Кашмир во 2019 година.

Кризата во Кашмир, единствениот индиски регион со мнозинско муслиманско население, датира од 1947 година, кога Велика Британија се повлече од регионот без да го реши статусот на областите таму, а Индија и Пакистан станаа независни по британската колонијална власт.

Во 1947 година, Пакистан и Индија влегоа во првата војна за Кашмир. Поради истата причина, двете земји повторно влегоа во војна во 1965 и 1999 година.

Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, а Кина 20 отсто. Индискиот дел се нарекува Џаму и Кашмир и денес е единствената претежно муслиманска провинција во Индија.