Во близина на скопското кафуле „Шо има?“ осамна мурал од Андреј од ДНК кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На муралот е нацртан ликот на Андреј и напишани се дел од стиховите од песната на ДНК „Круг“.
Сопственикот на кафулето во објава на Инстаграм напиша:
„Заедно сите расневме, се смеевме, забавувавме, журкавме до бесвест, тагувавме, плачевме, посветувавме песни на новите и стари љубови, едноставно од старо до мало сите ги обожававме…!
Тргнувајќи од себе љубовта кон Андреј и ДНК секојдневно ги пренесував низ нивните песни во кафулето, толку ги слушав што почнаа да ми викаат “досаден си Дамјан дај смени…”.
Кобниот ден отидов сам во @shoima.mk да читам книга мислејќи дека малку ќе ми помогне од целиот шок, но ме прекина веста за Андреј…
Затоа решив 3-те работи што ми значат да ги спојам во едно: кафулето, Андреј и омилената песна од него. Ова е најмалку што можев да направам.
Андреј ќе живее вечно, како низ песните така и муралот ќе нѐ потсеќа на неговото дело и ќе ни буди добри спомени“.
Муралот, кој ќе ни биде на сите потсетник каков човек беше Андреј и колку го сакавме го сподели и неговата сопруга Наталија.