Македонската ракометна репрезентација вечерва (18 часот) и гостува на Естонија во петтиот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2026 година.
Ова е меч кој мораме да го добиеме особено по вчерашната победа на Словенија над Литванија, односно сега со две победи во завршните две рунди сами одлучуваме за пласманот на собирот на најквалитетните селекции на стариот континент.
Поради повреди селекторот Кирил Лазаров нема да може да смета на неколку играчи, меѓутоа тие кои се повикани, селектирани треба да одговорат и да се прикажат во најдобро светло.
Лазаров одбра 16 имиња за вечерашната битка во Талин и значајно е тоа што имаме двајца повратници во националниот тим и еден дебитант. Мартин Томовски и Гоце Ојлески се во конкуренција за настап, а за Македонија треба да дебитира бекот Мартин Ивановски.
Иван Галевски, Александар Петковски и Емилијан Ѓорговски се оние кои се „избришани“ за соочувањето со Естонците и ќе чекаат шанса на мечот со Литванија.
Само за потсетување Естонија ни даде силен отпор во Скопје, победивме со 37:33, но повеќе од јасно е дека ќе мораме да бидеме внимателни и на највисоко ниво за да го оправдаме статусот на фаворити.