Што претставува белиот слој на чоколадото? Дали е безбедно да го јадете и како да го сочувате вашиот омилен десерт од расипување?

Точка

09/05/2025

20:39

725

Големина на фонт

а а а

Ако некогаш сте отвориле парче чоколадо и сте забележале бели или сивкасти дамки и линии на површината, веројатно сте наишле на т.н. „цветање на маснотии“ или „шеќерен цвет“.

Овие слоеви воопшто не изгледаат привлечно, но чоколадото и натаму е безбедно за јадење. Еве што ги предизвикува овие феномени и како можете да ги избегнете.

„Цветање на маснотии“ се јавува кога чоколадото е изложено на промени во температурата. Под овие услови, какао путерот (маснотијата од чоколадото) почнува да се одвојува од цврстите материи. Кога какао путерот повторно ќе се стврдне, излегува на површината на чоколадото и остава бели или сиви траги.


Најчести причини:

Лоши услови за складирање – чоколадото не сака влага или температурни флуктуации. Идеално е да се чува на ладно и суво место, никогаш во фрижидер или замрзнувач.

Неправилно темперирање* – кога чоколадото не се топи и лади на контролиран начин и по правилен редослед, кристалите од какао путерот се формираат нерамномерно и се појавува масен слој.

Професионалците често користат машини за темперирање чоколадо, бидејќи правилното темперирање е долг и тежок процес. „Цветањето на маснотии“ може да влијае на бојата и текстурата, но во повеќето случаи не го менува вкусот и чоколадото е безбедно за јадење. Можете дури и повторно да го стопите и правилно да го темперирате.

„Шеќерното цветање“ се јавува кога чоколадото е изложено на влага. Водата на површината на чоколадото предизвикува шеќерот да се одвои од него, а потоа да кристализира, оставајќи го чоколадото бело и зрнесто.

Влагата може да се појави од кондензација (кога ладно чоколадо се внесува во топла просторија) или од изложеност на влажен воздух или топли услови.


Во благи случаи, можете да се обидете да го отстраните „шеќерниот цвет“. Ако е посериозно, можете да користите чоколадо за готвење, печење или топење.

Како да се избегне „цветање“ на чоколадото? Чоколадото чувајте го на ладно и суво место, пред и по топењето. Никогаш не ставајте чоколадо во фрижидер или замрзнувач. Ако сами правите чоколадо, осигурајте се дека купувате свежи состојки и дека просторијата има соодветна температура и влажност. Во секој случај, ниту „масниот“ ниту „шеќерниот цвет“ не се опасни, но ако сакате вашето чоколадо да изгледа совршено, следете ги овие совети за складирање и преработка.

*Процес на подигнување и намалување на температурата на чоколадото.