Македонската сениорска ракометна репрезентација ја победи Литванија и наредната година ќе биде дел од нов голем настап, Европското првенство кое ќе се одржи во Норвешка, Шведска и Данска.
Литванците имаа храбри изјави пред денешниот меч во Скопје, најавуваа победа, но добија лекција од избраниците на Лазаров кои триумфираа со 26:17.
Противникот имаше одличен старт на дуелот во СЦ „Јане Сандански“, поведе со 4-0, меѓутоа потоа се вративме во ритам и до паузата го свртевме резултатот и имавме плус два (13:11). Вторите 30 минути минаа комплетно во знакот на „црвено-жолтите“ кои одиграа пред се страшно во одбраната, примивме само 6 гола, постигнавме 13 и сосема заслужено дојдовме до посакуваната победа со која продолжуваме да бидеме дел од најважните ракометни натпреварувања.
Серафимов и Кузмановски го предводеа нападот со по 5 голови, додека Томовски запиша 12 интервенции.