Ѓоковиќ ги промени плановите и ја прекина соработката со Мари

Дерби

13/05/2025

13:26

376

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ и Енди Мари ги здружија силите на крајот на 2024-та година со цел Србинот да има што е можно подобра подготовка за Аустралијан Опен, а откако првиот турнир заврши со повреда и елиминација во полуфиналето, двајцата се одлучија да ја продолжат соработката и Британецот да биде тренер на Ноле и на Ролан Гарос и Вимблдон.

Ова беше информацијата во која сите беа уверени до ова утро, кога сосема неочекувано Новак се обрати со кратко соопштение, со кое и пренесе на јавноста дека ја прекинува соработката со својот добар пријател.

Ѓоковиќ во првото обраќање не открива причини за објавената разделба, но очигледно е дека дошло до некоја промена на планот, особено поради фактот што одлука ја носи непосредно пред стартот на Ролан Гарос.

– Му благодарам на тренерот Енди за цел вложен напор, за напорната работа, за забавата и поддршката која ми ја даде во изминатите шест месеци, на теренот, но и надвор од него. Навистина уживав во продлабочување на нашето заеднички пријателство, – објави Ноле, по што Енди веднаш излезе со изјава за „Би-Би-Си“.

– Благодарен сум му на Новак за неверојатната шанса што ми ја овозможи да работиме заедно. Благодарен сум и на неговиот тим за напорната работа во изминатите шест месеци. На Новак му посакувам се најдобро во остатокот од сезоната, – изјави Мари.