[ВИДЕО] Мицкоски: Британците доаѓаат со 6 милијарди евра инвестиции во здравството и во инфраструктурата

Макфакс

17/05/2025

12:07

1.456

Големина на фонт

а а а

Со потпишување на стратешки договор за партнерство со Обединетото Кралство, Македонија го отвора патот за инвестиции вредни шест милијарди евра, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничка прес-конференција со британскиот амбасадор Метју Лосон.

„Овој договор претставува втор столб на нашата меѓународна позиционираност по стратешкото партнерство со САД. Тоа е потврда дека нашата држава оди напред – кон стабилност, безбедност, развој и европска иднина“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, британските инвестиции ќе опфатат изградба на брза патничка и модерна карго железница од Табановце до Гевгелија, нови болници во Штип и Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, студентски дом со 900 легла и нов Медицински факултет.

Деталите за финансиските услови на договорот сè уште се финализираат, но Мицкоски увери дека се „најдобрите што може да се добијат на пазарот“. Како што додаде, наскоро ќе бидат јавно објавени и конкретните параметри на договорот, кој вклучува грејс период, долг рок на отплата и поволен каматен индекс базиран на Еурориборт.

Амбасадорот Лосон го оцени договорот како врв во билатералните односи меѓу двете земји.

„Ние сме веќе големи инвеститори и сега тоа го надградуваме преку договор кој се фокусира на трговија и инвестиции. Сакаме да создадеме економски раст од кој ќе имаат корист и британските и македонските граѓани“, рече Лосон.

Договорот, кој е резултат на повеќемесечни интензивни преговори, се очекува да отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, дигиталната трансформација, образованието и климатските политики. Освен економската и инфраструктурната компонента, тој предвидува и засилен политички дијалог и координација во рамките на НАТО и други меѓународни организации.