Кога експертите препорачуваат исхрана за поздраво стареење, здравје на срцето или намалување на ризикот од рак и хронични заболувања, тие честопати ја нагласуваат важноста на овошјето и зеленчукот, мешунките и посните извори на протеини како пилешко и риба.
Иако упатствата за исхрана сѐ повеќе се наклонети кон храна базирана на растителни намирници, пилешкото месо сè уште се смета за поздрава опција меѓу месата. Меѓутоа, новата студија објавена во списанието „Nutrients“ сугерира дека пилешкото месо можеби не е толку здраво како што се сметаше претходно.
Имено научниците ја проучувале врската помеѓу консумирањето живина, ракот на гастроинтестиналниот тракт и ризикот од предвремена смрт. Терминот живина вклучува пилешко месо, мисиркино месо, месо од патка и диви птици како што се препелицата и фазанот.
Анализирајќи ги податоците од 4.869 Италијанци на средна возраст во период од 19 години, кои пополнувале прашалници за навиките во исхраната, тие откриле дека луѓето кои починале од гастроинтестинални карциноми, како што се карцином на дебелото црево, црниот дроб, панкреасот, желудникот, хранопроводот и ректалниот карцином, имале највисоки нивоа на консумирање бело месо, при што живината учествувала со 33% во вкупниот внес.
Луѓето кои јаделе повеќе од 300 грама живина неделно, што е еквивалентно на околу три и пол порции од 85 грама, имале 27% поголем ризик од смрт од која било причина. Кај мажите, тој ризик бил дури и за 61% поголем. Кога се разгледува само ризикот од гастроинтестинален рак, консумирањето од 100 до 200 грама живина неделно е поврзано со 65% поголем ризик од смрт, додека оние кои јаделе повеќе од 300 грама живина неделно имале 127% поголем ризик, додека кај мажите дури 161% поголем ризик.
Колку пилешко е премногу?
Според оваа студија – колку помалку, толку подобро. Резултатите од студијата покажуваат дека внесот на живина треба да биде помал од 300 грама неделно.
„Нашите резултати покажуваат дека внесувањето на повеќе од 100 грама живина неделно е поврзано со зголемен вкупен ризик од смртност, особено од гастроинтестинални карциноми“, наведуваат авторите на студијата. Ризикот се зголемувал пропорционално со количината на консумирано месо од живина, а резултатите биле уште поизразени кај луѓето кои јаделе поголема количина црвено месо.
Учесниците во истражувањето над 83 години кои јаделе помалку од 100 грама живина неделно имале двојно помал ризик од смрт од гастроинтестинален рак во споредба со оние кои јаделе повеќе.
Начинот на подготовка е исто така важен
Научниците истакнаа дека и начинот на кој се подготвува живината може да влијае на здравјето. Пилешкото месо кое е подготвено на високи температури, како што е печење на скара или готвено долго време, може да создаде соединенија кои ја оштетуваат ДНК-та и со тоа потенцијално го зголемуваат ризикот од рак на дигестивниот систем.
Обрнете внимание на вкупниот внес на месо
Истражувачите откриле дека вкупната количина месо што ја консумира поединецот игра голема улога во зголемувањето на ризикот од смрт, дури и кај луѓе кои следат исхрана како медитеранската.
Кај учесниците кои починале од други видови на рак, црвеното месо сочинувало повеќе од 65% од вкупниот внес на месо, во споредба со 56% и 58% кај оние кои починале од гастроинтестинален рак или други причини. Повеќе од половина од смртните случаи поврзани со рак биле забележани кај луѓе кои консумирале повеќе од 400 грама месо неделно, дури и кога се хранеле според медитеранската исхрана.
„Веруваме дека е корисно умерено да се консумира живина и повремено да се заменува со други подеднакво вредни извори на протеини, како што е рибата“, заклучија авторите. „Исто така е клучно да се обрне внимание на методите за подготовка на храната и да се избегнуваат високи температури и долго готвење“, додадоа тие.