Русија се огласи за преговорите: Ѓаволот е во деталите

Макфакс

20/05/2025

07:52

1.778

Големина на фонт

а а а

Процесот на договарање на текстот на меморандумот за мир и прекин на огнот ќе биде комплициран за Москва и Киев и не може да има фиксен рок, изјави рано утрово портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од руските новински агенции.

„Нема рокови и не може да има. Јасно е дека сите сакаат да го направат ова што е можно побрзо, но секако ѓаволот е во деталите“, изјави Песков за новинарите, цитиран од државната новинска агенција РИА.

„Нацртите ќе бидат изготвени од руската и украинската страна, овие нацрт-документи ќе бидат разменети, а потоа (ќе следат сложени контакти) за да се развие унифициран текст“, рече портпаролот на Кремљ.


Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот оствари телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Европската Унија, Франција, Италија, Германија и Финска, како дел од неговите напори за ставање крај на тригодишната војна во Украина.

Трамп по телефонскиот разговор изјави дека Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот.

Путин рече дека Русија е „подготвена да соработува со украинската страна на меморандум за можен иден мировен договор“.

„Се договоривме со претседателот на Соединетите Американски Држави дека Русија ќе предложи и е подготвена да соработува со украинската страна за меморандум за можен иден мировен договор, кој ќе дефинира голем број позиции, на пример, принципите на спогодбата, временската рамка за можен мировен договор“, изјави Путин пред новинарите во близина на црноморското одморалиште Сочи.