Ивана Ковачевиќ, сопруга на основачот и директорот на „EXIT“ Фестивал, Душан Ковачевиќ – ја загуби борбата со опаката болест.
Ивана и Душан во бракот добија три деца, два сина и една ќерка. Минатата година ѝ бил дијагностициран сериозен здравствен проблем со кој се „фатила во костец“ и навреме почнала да се лекува.
Оттогаш, поддршка ѝ испраќаа бројни светски познати музичари и диџеи како што се „Black Eyed Peas“, Carl Cox, Nina Kraviz, Maceo Plex и John Newman. Пред неколку дена семејството на Ивана на социјалните мрежи ги замоли сите кои ја познаваат да се помолат за неа.
Порака од сопругот Душан
„Драга моја Ивана,
ти се обраќам во сегашно време, затоа што те чувствувам жива, поприсутна и посветла од кога и да е, во мене и насекаде околу мене. И додека танцуваш со ангелите, сакам да ти шепнам нешто важно … Ти ветувам дека со секој здив, мисла и дело ќе ги чувам нашите змејчиња и ќе ги водам низ животот да станат луѓе какви што отсекогаш сакавме да бидат.
Дека ќе бидат опкружени со луѓе кои те сакаат, добро те познаваат и кои ќе им зборуваат за тебе. Оние кои, секој на свој начин, во овој свет ќе им пренесат дел од бескрајната љубов која ја имаш за нив.
Давам завет дека ќе го чувам жив споменот на тебе, дека целиот свет ќе ја почувствува твојата божествена искра која толку силно свети за сите нас. На сите ќе им посведочам колку е бескраен твојот капацитет за љубов и колку го сакаше и сè уште го сакаш светот.
Секогаш ми велеше дека сè што правиме треба да има смисла. Имавме многу подеми и падови на нашиот пат, а од овој врв на кој сега нè искачи сè е јасно видливо.
Смислата на твоето заминување во небесните градини е исполнувањето на божествената цел поради која дојде меѓу нас – да го преобразиш светот со твојата безусловна љубов, која веќе се разлева од небото врз сите нас кои те повикуваме во нашите срца. Твојата душа одлучи дека дојде моментот кога твојата љубов треба да нè води и заштити одозгора што е можно посилно.
Твоето семејство ќе биде продолжената рака на таа мисија на овој свет, а ти ќе бидеш нашата врска со небесата.
Фала му на Бога што имав и имам можност да бидам едно со тебе, те сакам Ивана и ќе те сакам засекогаш, како што велат во нашето семејство, најбескрајно.
Твој Душан“,
напиша основачот и директор на фестивалот „EXIT“, Душан Ковачевиќ.