Кадриу: Одлуката за поништување на избор на уставен судија е правен преседан

Макфакс

20/05/2025

17:15

233

Големина на фонт

а а а

Во врска со одлуката на Управниот суд со кој се поништи изборот за уставен судија на Елизабета Дуковска, уставниот судија, Осман Кадриу, вели дека е правен преседан.

„Вчера Уставниот суд на работен состанок долго ја разгледуваше настанатата правна состојба, која ја оценивме како правен преседан кој не сме го виделе во изминатите 34 а веројатно и во шеесетина години. Кажавме дека не ја коментираме одлуката на Управниот суд. Излеговме со соопштение и ја кажавме првата правна последица, а тоа е одложување на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците. Немам што да додадам или одземам од ставот што веќе го имаме како Уставен суд. По сила на Уставот, нашите одлуки се конечни и извршни“, рече Кадриу.

Тој рече дека меѓу судиите има различни стојалишта што значи ова за уставното судство, но дека тој ќе се воздржи и истакна дека веќе тие зазеле став како суд.

„Ќе оставиме да видиме и науката и струката ако има потреба и Уставниот суд во иднина да се произнесеме за оваа состојба, бидејќи ова е состојба и има правни импликации кои веќе ги гледаме“, рече Кадриу.

Според судијата, спорни се неколку аспекти во врска со одлуката на Управниот суд.

„Дали може Управниот суд да поништи одлука за избор на судија на Уставен суд и тоа е дискутабилно. А, другото што е проблематично и тука носи вина управното судство, не се впуштаме ние во законитоста на нивната одлука, зарем е можно за избраниот судија, Управниот суд се произнесува со поништувачка одлука после две години“, изјави судијата Осман Кадриу.